Иван Ивановски: Во време кога повеќето се водат од личен интерес, тој секогаш мислеше долгорочно и за заедничко добро

Точка

09/08/2025

12:33

2.558

Големина на фонт

а а а

Оваа среда се збогувавме со Душко. Тешко е да најдам зборови што ќе ја доловат тежината на оваа загуба. Не само затоа што изгубив пријател туку затоа што Македонија изгуби човек со ретка визија, со искрена намера и со огромно срце.

Душко беше човек кој никогаш не бркаше само профит.

Никогаш не зборуваше за како ние да заработиме повеќе туку како да им донесеме повеќе вредност на луѓето во Македонија. Во време кога повеќето се водат од личен интерес, тој секогаш мислеше долгорочно и за заедничко добро.

Имавме заедничка визија, да ја зголемиме финансиската писменост во Македонија. Иако главната заработка му беше од недвижнини, постојано велеше:

„Луѓето треба да се едуцираат и за инвестирање во акции, да не зависат само од еден извор.“


И веруваше дека ако на луѓето им се даде знаење, парите ќе дојдат сами, и за нив и за нас. Нашата цел не беше да направиме повеќе профит за компанијата, целта беше и останува да донесеме повеќе пари и можности за луѓето овде, а парите сами ке си дојдат.

На прво место секогаш му беше фамилијата, неговите најблиски, особено внуците. Многу се радуваше на деца. Имаше посебна нежност кога зборуваше за нив, со љубов, со гордост и со надеж за нивната иднина.

Пред неколку недели ми се јави и ми вели:

„Што правиш?“

Му велам: „Еве, син ми Иво сака да му пуштам коли на YouTube. Сега гледаме некое Lamborghini.“

Се насмеа и рече:

„Ако сака коли и мотори тоа е супер. Никогаш нема да му останат пари за пороци хаха.“

Имаше смисла за хумор, но и длабоко чувство за одговорност. Во секоја прилика знаеше да ја каже вистинската реченица, онаа што ќе те насмее, а веднаш потоа и ќе те замисли.

Имаше дар да гледа на животот со ведрина, дури и на сериозните теми. Веруваше дека децата треба да бидат насочувани со љубов, со пример, а не со страв. И дека добрите вредности се пренесуваат преку мали, секојдневни разговори и постапки. Тоа ќе ми остане како лекција и за моето дете.

Кога размислувавме за иднината никогаш не правевме планови само за една или две години. Размислувавме долгорочно. Го гледавме она што уште не постои, со верба дека ако се движиме по вистинскиот пат, ќе го изградиме.


На шега знаев да му кажам дека сме како Бафет и Чарли. Помеѓу нас постоеше таа тивка, но длабока поврзаност што ја имаат луѓето што се разбираат без многу зборови. Луѓе што знаат зошто го прават тоа што го прават. Луѓе што си веруваат доволно за да не се плашат од несогласувања, затоа што и тие се дел од растот.

Не зборувавме само за пари, туку за вредност. Не само за успех, туку за смисла. И како што еднаш рече Бафет за Чарли:

„Тој ги подобрува моите одлуки само со тоа што постои во мојот живот.“

Таков беше и Душко, го имаше тој ефект врз сите нас што имавме среќа да го знаеме и соработуваме со него.

Тоа што најмногу ќе ми недостасува е неговиот пристап, секогаш со почит, со насмевка и со искрена намера да направи нешто добро.


Беше еден од првите што се јави кога почнавме со донации за @supportkocani. Без прашања. Само:

„Кажете што треба, веднаш праќам.“

Ќе го носам со мене во сè што правам понатаму. Во секој нов проект, во секоја нова одлука. Ќе продолжам со истата визија што ја градевме заедно, а секој успех ќе биде доказ дека тоа што го започнавме вредеше. Еден ден ќе ме нема и мене, но она што го поставивме заедно ќе остане, како невидливи, но цврсти столбови што ќе носат нешто поголемо од нас самите.

Почивај во мир другар.

Извор: ivanivanovski.medium.com