Можеби седите во кафуле и пиете лимонада, но таа се прелева во соседната држава. А за време на кратка прошетка низ градот, неколку пати ќе ја преминете државната граница.
Во Европа постои прилично голем број градови што се наоѓаат од двете страни на државна граница – слично како словенечка Нова Горица и италијанска Горица, или австриска Радгона и словенечка Горна Радгона – но најчесто станува збор за соседни градови со јасна, континуирана граница меѓу нив.
Меѓутоа, доколку некогаш го посетите градот Барле-Насау во Холандија, можно е да се најдете во ситуација неколку пати да ја преминете белгиската територија – само за време на една кратка прошетка.
Исто така, може да се случи да седите на маса во ресторан и да пиете лимонада во една земја, но ненамерно да ја пролеете – во друга.
Може и да сретнете жители кои готват во Холандија, се тушираат во Белгија, а одат на спиење во Холандија – додека нивните деца легнуваат да спијат во Белгија, сето тоа – во иста куќа.
Барле-Насау е само холандскиот дел од два буквално испреплетени града.
Другиот дел е Барле-Хертог, кој всушност е составен од 22 белгиски енклави опкружени со холандска територија.
Дел од холандската територија, пак, се наоѓа и внатре во тие белгиски енклави – постојат шест такви холандски енклави.
Поради сето тоа, мапата на двата града изгледа како некакво мозаично дело.
Границата е обележана и на улиците – лесно може да ја препознаете по белите крстови на тлото што се протегаат преку улици, покрај или низ градини на ресторани, а понекогаш дури и низ куќи.
Чудна граница, испишана од историјата
Оваа необична граница е резултат на долгата историја на средновековни договори за земјиште, феудални лојалности и оформување на модерни држави.
Сѐ започнало во 12. век, кога ова подрачје било поделено меѓу две феудални семејства: војводите од Брабант – поврзани со денешна Белгија, и господарите од Бреда – поврзани со територија што подоцна станала дел од Холандија.
Во следните векови се случиле бројни територијални разменувања меѓу двете семејства.
Кога Белгија ја прогласила независноста од Кралството Холандија во 19. век, бил направен обид националната граница да се повлече низ ова подрачје.
Но, законодавците брзо се соочиле со невозможна задача: не можеле да повлечат јасна, непрекината линија меѓу двете општини – и, како последица, меѓу двете држави.
Бидејќи жителите на двата града не сакале да ѝ припаѓаат на „другата“ држава, законодавците одлучиле да го задржат статус-кво.
Овој договор со години бил извор на забуни и потсмев, но со тек на време ситуацијата се стабилизирала – и денес функционира совршено мирно.
Освен, се шегуваат мештаните – кога Белгија и Холандија играат една против друга во фудбал.
Откако Белгија и Холандија станаа членки на Шенген-зоната, никој веќе не ја чувствува сложената граница.
Дополнително, помага тоа што на холандски јазик се зборува од двете страни, како и што двете земји делат многу кулинарски навики — од помфрит со мајонез до вафли и сирење.
Разлики што отвораат можности
Сепак, овој сложен аранжман често предизвикува необични ситуации, особено кога станува збор за законодавството.
Според холандскиот закон, купувањето на огномет е дозволено само во деновите пред Нова година, додека во Белгија огномет може легално да се купи цела година.
Тоа значи дека продавниците во Барле-Насау најголем дел од времето не смеат да продаваат огномет — додека купувачите можат да го набават само неколку чекори понатаму, во Барле-Хертог.
Во минатото, разликите во законите значеа и дека рестораните на холандска страна морале порано да се затвораат од оние во Белгија.
Но, некои локации си помогнаа едноставно со префрлање на масите на гостите на белгиската страна од барот.
Разликите во даноците исто така создаваат можности за локално прекугранично барање поевтини понуди, па жителите често се преселуваат од едниот крај на градот на другиот, во зависност каде што е поевтино.
„Горивото е поевтино во Белгија. Цигарите се поевтини во Белгија. А храната најчесто е поевтина во Холандија“, изјави за AFP во 2024 година локалниот жител Ад Туитјеларс, роден и израснат во Барле.
„Европа во мало“
Барле е наречен „Европа во мало“, бидејќи претставува мешавина од испреплетени култури со долга историска врска, кои денес (наспроти минатите судири) коегзистираат во главно хармоничен живот.
За некои, градот стана симбол на Европската унија сама по себе — жив пример за придобивките од поголемата поврзаност помеѓу земјите-членки.
„Имаме град со две националности и мислам дека и Европа треба да биде една“, изјавил за AFP 64-годишниот предавач Тео ван дер Веердонк.
„Овде гледате дека Европа сѐ уште не е навистина обединета. И мислам дека тоа е штета. Сакам повеќе Европа и повеќе интеграција — Европа да биде поблиска и подобра... Овде имаме две општински управи, две полиции, две противпожарни служби... и тоа е потполно лудо“, додал тој.