Кичево ќе има нова, целосно модерна болница, достојна за 21 век и за граѓаните кои живеат со гордост, достоинство и доверба во оваа земја, изјави Беким Сали од ВЛЕН.
„Инвестицијата од 47,5 милиони евра во Кичево ќе овозможи изградба на регионален центар по европски стандарди, со нова модерна инфраструктура, најсовремена медицинска опрема и услови што инспирираат безбедност и доверба кај пациентите и стручниот персонал. Тоа ќе биде болница каде што здраството се среќава со етиката, каде што професионализмот се среќава со почитта и каде што услугата не е привилегија, туку човеково право“, рече Сали.
Тој додаде дека граѓаните од Кичево, Македонски Брод, Пласница, Зајаз, Вранештица, Демир Хисар и пошироко ќе гравитираат кон овој здравствен центар, и за прв пат по многу децении ќе се чувствуваат рамноправни, застапени и згрижени.
Сали, исто така, кажа дека само во Тетово, инвестицијата во подобрување на болничката инфраструктура достигнала 77,5 милиони евра, што вклучува изградба на два нови објекти, реновирање на блокот за хирургија и интерна медицина, како и нов Медицински факултет.