Љутков и ВМРО-ДПМНЕ ја оставаат спомен-куќата на Петре М. Андреевски да скапува, тоа е нивниот патриотизам, велат од СДСМ.
Срамно е, болно и понижувачки за целата држава, додаваат од опозициската партија, кога синот на Петре М. Андреевски, еден од најголемите великани на македонската книжевност, мора да бара поддршка за да се спаси спомен-куќата на неговиот татко од влага, заборав и молк.
„Но тоа е резултатот кога министерот Љутков ја зголемува ставката за патувања и репрезентации на сметка на буџетските средства наменети за заштита на културното наследство.
Оваа спомен-куќа, оваа меморијална постановка во Слоештица, беше создадена токму во време на владеење на СДСМ – со јасна намера: трајно да се сочува споменот на творецот на „Пиреј“, творецот кој ја однесе Македонија до светските книжевни височини.
А денес? Денес тоа светилиште на македонската литература е оставено на забот на времето, игнорирано од министерот Љутков и Владата на ВМРО-ДПМНЕ, кои инаку постојано се повикуваат на „чување на македонскиот идентитет“.
Ова, според СДСМ, не е обична негрижа, туку културен вандализам под раководство на Љутков и ВМРО-ДПМНЕ.
„Ги красат бините со зборови за традиција, а ја пустошат суштината на нашата културна меморија. Ги споменуваат Карев и Делчев за дневно-политички поени, а го забораваат Петрета – кој ја воспеваше Македонија не со знамиња, туку со збор.
Оваа небрежност е културно предавство. Денес е Петре, утре ќе биде некој друг. А кога ќе ја снема културата- ќе ја снема и државата. Затоа СДСМ бара итна реакција, без разлика на кого е надлежноста, и спомен-куќата на Петре М. Андреевски да се стави под државна заштита и за истата да се обезбедат средства за одржување“.
Очигледно истакнуваат од СДСМ, ова е новата културна политика со која власта докажува дека не ја цени ниту државата ниту делото и ликот на нашите великани.
„Ако не знаете кој е Петре – прашајте ги учениците. Тие сè уште читаат „Пиреј“.
Ако не знаете што значи држава – прашајте нè нас. Зашто држава се гради со заштита и чување на културната посебност, а не со заборав.