Барселона користи секакви алатки за да може навреме да ги регистрира летните засилувања Жоан Гарсија и Маркус Рашфорд, а во таквата намера не добива помош од Марк Андре Тер Штеген, фудбалер кој пред извесно време најави дека го чека пауза поради повреда.
Каталонскиот великан реши да ја искористи оваа ситуација за активирање на познатото „фер-плеј“ правило во ситуација кога станува збор за повреда подолога од четири месеци, но кога се изгледаше дека ќе оди лесно, Тер Штеген одбил да стави потпис на извештајот кој се праќа до експертската спортска медицина во Ла Лига.
За повреди над четири месеци, Ла Лига ослободува 80 проценти од платата на фудбалерот за пријавување и регистрирање на нови, а во ситуација кога Барса сакаше да го направи токму тоа со Гарсија и Рашфорд, Тер Штеген сега е на добар пат да го упропасти планот на Лапорта и Деко.
Барселона бара од Тер Штеген да стави потпис на извештајот кој ќе биде испратен до медицинската комисија во Ла Лига, но искусниот чувар на мрежата не се согласува со размислувањата на клубот, бидејќи неговиот план е да се врати за два или три месеци, а не за четири.
Поради оваа неочекувана драма, Барселона како клуб отвори дисциплинска постапка против својот досегашен капитен, со која му се заканува и казна поради покажување непочит кон соиграчите, но и поради нанесување штетна репутација на клубот.