Од 580 до 3.200 евра: Колку може да варира износот на пензија во земјите од Европа

Макфакс

04/08/2025

17:48

242

Големина на фонт

а а а

Иако износот на законските пензии е предмет на дебата во Германија со години, споредбата со нејзините европски соседи открива колку можат да варираат износите, и колку сигурност носи долгиот работен век.

Стандардната пензија во Германија за лице со 45 години стаж во 2025 година ќе биде 1.835,55 евра бруто. По одбитоци за здравствено и долгорочно осигурување (околу 215 евра), на пензионерот ќе му останат околу 1.621 евра нето, пред даноци. Сепак, реалноста за повеќето граѓани е далеку од таа бројка, пренесуваат медиумите во регионот.

Според податоците од Германското пензиско осигурување (DRV), просечната старосна пензија во 2023 година била 1.348 евра за мажи и само 908 евра за жени. Ова ја става Германија во долниот среден опсег во меѓународна споредба.

Колку изнесуваат пензиите во соседните земји?

Луксембург – 3.200 евра месечно; Швајцарија – околу 2.560 евра; Австрија – 1.645 евра (податоци за 2022 година); Данска – 1.530 евра; Франција – околу 1.500 евра; Холандија – помеѓу 1.400 и 1.600 евра; Белгија – од 1.250 до 1.350 евра; Чешка – околу 833 евра; Полска – околу 580 евра.

Кој заработува повеќе и како тоа влијае на пензиите?

Приходите за време на работниот век директно влијаат на износот на пензијата. Во соседните земји, просечниот годишен приход во Швајцарија е околу 83.000 евра; Данска – околу 53.000 евра; Германија – околу 50.000 евра; Белгија – 46.000–48.000 евра; Франција – околу 45.000 евра, според написите.

Луксембург, има највисок сооднос помеѓу просечниот приход и пензијата – дури 90,4%, додека во Германија соодносот е само 48%, според податоците од платформата Growney.

Австрискиот модел на пензиско осигурување обезбедува значително повеќе од германскиот – просечната законска пензија во Австрија е околу 1.645 евра, што е приближно 500 евра повеќе отколку во Германија.

Оваа разлика се објаснува со повисоките придонеси (22,8%), но и со поширокиот круг на плаќачи – во Австрија, самовработените исто така придонесуваат во пензискиот фонд, а бројот на државни службеници кои имаат посебен пензиски режим е значително помал. Овој систем овозможува постабилна распределба и повисоки просечни пензии, забележуваат германските медиуми.