Марија Дапирка веќе повеќе од десет години живее со надеж. Порано тоа била надеж дека ќе ѝ биде поштеден животот, бидејќи во Виетнам била осудена на смртна казна. Денес, 38-годишната Русинка верува дека наскоро ќе биде слободна и повторно ќе ги прегрне најблиските.
Оваа неверојатна приказна започнала во 2014 година, кога Марија мислела дека ја пронашла љубовта на својот живот. Веќе една година живеела во Тајланд, работела како туристички водич и штедела за стан во Русија. Тогаш го запознала фудбалерот од Африка, Ник, и нивната врска брзо станала сериозна. Планирале венчавка, а Марија одлучила да го запознае со своето семејство. Се подготвувале за патување во Русија, а Ник купил голем куфер за да понесат подароци за сите. Во последен момент, плановите се промениле – Ник рекол дека ќе дојде подоцна, а Марија сама тргнала кон дома.
Меѓутоа, на аеродромот во Хошимин сè се срушило. Во нејзиниот багаж биле пронајдени речиси три килограми дрога. Нејзините најблиски се убедени дека таа немала поим за тоа и дека дрогата му припаѓала на Ник. Но, виетнамските власти немале трпение подлабоко да го истражуваат случајот – Марија била уапсена и се соочила со најтешката можна казна.
Четири години нејзиното семејство и адвокатите се бореле да ѝ го спасат животот. На крајот успеале – смртната казна ѝ била заменета со доживотна затворска казна. Марија поминала речиси десет години во виетнамски затвор, но нејзините најблиски продолжиле да се борат за нејзина екстрадиција во Русија. По шест години упорно залагање, во есента 2024 година Марија била префрлена во затвор во Ростовската област.
„Само повеќе да не јадам ориз“
За неа тоа бил нов почеток, но ни малку лесен. По десет години во топла клима, сега се соочува со студени зими. Иако Ростов не е најстудениот дел од Русија, на Марија ѝ е студено, често настинува и се разболува. Минатата есен ѝ испратиле топла облека, но тоа сè уште не е доволно. Лекарите ѝ даваат терапија, но нејзиниот имунитет е ослабен.
„Сега во собата има околу 20 девојки, додека во Виетнам беше сместена со само три цимерки. Целата група брои повеќе од сто затворенички, па се уште се навикнува на гужвата. Но се труди да биде активна – учествувала во новогодишно натпреварување, рецитирала песни, пее,“ раскажала нејзината мајка за руските медиуми.
Марија сега работи во затворот – шие големи вреќи и често има ноќни смени. Сепак, не се жали. По десет години во виетнамски затвор, каде што секој ден јадела само ориз, сега храната ѝ изгледа како вистинска гозба.
„Ни даваат супа, главно јадење, компот. Конечно се најадов руска храна“, ѝ рекла на мајка си.
Нејзиното семејство ѝ помага колку што може. Во затворот постои онлајн продавница, па ѝ нарачуваат млечни производи, колбаси и слатки. Книгите ѝ се уште една голема утеха – читањето ѝ помага да избега од суровата реалност.
Нејзините адвокати сега работат на подготовка на документацијата за можен условен отпуст. Семејството се надева дека Марија наскоро ќе биде слободна.
„Откако се врати во Русија, многу сум помирна“, заклучува нејзината мајка.