Основното јавно обвинителство Струга отвори истрага против две лица, од кои едното е осомничено за обид за убиство и насилство, додека вториот осомничен му помогнал да го изврши обидот за убиство.
„На 2 август, поради претходно нарушени меѓусебни односи, првиот осомничен се обидел да лиши од живот едно лице. Вториот осомничен најпрво со својот автомобил БМВ Х6 го попречил патот на Фолксваген голф 7 во кој се превезувал оштетениот и уште едно лице. Двајцата осомничени излегле и се упатиле кон оштетените и ги нападнале физички, најпрво удирајќи ги со боксови. Во еден момент првиот осомничен извадил нож и му нанел повеќе убодни рани на оштетениот во стомакот, надлактицата и вратот, со што му предизвикал тешки телесни повреди. За тоа време вториот осомничен извикувал и го поттикнувал да го доврши делото“, соопшти обвинителството.
Сведокот-оштетен се обидел да ги оттргне и да ги спречи, па првиот осомничен и врз него извршил насилство, расекувајќи го со ножот на раката и предизвикувајќи чувство на загрозеност и страв во јавноста.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Струга достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.