[ВИДЕО] „Ова не се случило 20 години“ – снег ја парализира Австралија, завеани градови, заглавени возила

Макфакс

03/08/2025

14:43

888

Големина на фонт

а а а

Неколку градови во источна Австралија се покриени со најдебелиот слој снег што паднал во последните неколку децении. Државната служба за вонредни ситуации на Нов Јужен Велс соопшти дека за време на викендот се очекува да падне околу половина метар снег во одредени области.

Во делови од северозападниот регионот Нова Англија паднал најголемиот снег во последните 20 години, извести државната телевизија.

Весникот „Сиднеј Морнинг Хералд“ објави дека во едно подрачје во соседната држава Квинсленд паднал првиот снег по десет години, пренесува денеска Ројтерс.


– Никогаш во животот немам видено снег. Навистина е надреално искуство – изјавил еден жител на Квинсленд за локалната телевизија „7Њуз“.

Службата за вонредни ситуации соопшти дека реагирала на повеќе од 1.455 инциденти. Олуите оштетиле згради и издадени се неколку предупредувања за поплави. Според Abc.net.au, околу 200 возила се заглавени во длабок снег кој го затрупал северозападниот дел на Нова Англија во саботата. Службата на Нов Јужен Велс соопшти дека регионот никогаш досега не видел ваков длабок снег.

Десетици илјади потрошувачи останале без струја во текот на ноќта, а полицијата во Нов Јужен Велс – најнаселената австралиска држава – соопшти дека автомобил останал заглавен во поплавени води и дека исчезнала жена на дваесетина години, по која интензивно се трага.