Хакери го нападнаа московскиот аеродром, откажани 60 летови

Макфакс

28/07/2025

17:40

173

Големина на фонт

а а а

Неколку десетици летови од московскиот аеродром беа откажани денес поради сајбер напад од проукраински хакерски групи, објавија властите.

Руската државна авиокомпанија „Аерофлот“ објави дека 60 летови од аеродромот Шереметјево се откажани поради прекини во ИТ системите. Експертите работат на рестартирање на серверите за да може да продолжи воздушниот сообраќај, додаде Аерофлот. Кремљ ги нарече извештаите поврзани со прекинот на воздушниот сообраќај вознемирувачки.

„Хакерските закани претставуваат опасност за сите големи авиокомпании“, рече портпаролот Дмитриј Песков. Проукраинските хакери ја презедоа одговорноста за нападот. Тие потврдија дека подготовките за нападот врз Аерофлот траеле една година.

Канцеларијата на главниот обвинител на Русија започна истрага за нелегалното хакирање на компјутерски системи. Украинските медиуми ги објавија изјавите на хакерите за нивниот „стратешки удар“ врз Аерофлот, велејќи дека ја презеле контролата врз целата ИТ инфраструктура и уништиле 7.000 сервери.

Тие исто така тврдат дека собрале 12 терабајти податоци и дека испратиле порака до ФСБ и другите агенции за сајбер безбедност во Москва дека не се во можност да ја заштитат критичната ИТ инфраструктура. Кибер нападот го наруши и домашниот и странскиот воздушен сообраќај на Шереметјево.