Со заминувањето на Ози Озборн, светот се простува од една од највлијателните фигури во историјата на рок-музиката. Неговото музичко наследство е импресивно, но еден наслов се издвојува како врвна точка во кариерата – „Paranoid“.
И денес, повеќе од половина век по објавувањето, оваа песна на „Блек сабат“ брои над 330 милиони прегледи на Јутјуб и важи за еден од најмоќните рок-синглови на сите времиња.
Во 1970 година, „Блек сабат“ се наоѓале во лондонско студио каде го снимале својот втор албум, кој првично требало да се вика „War Pigs“. Продуцентот Роџер Бејн побарал од членовите уште една кратка и побрза песна за да се комплетира времетраењето на албумот. Гитаристот Тони Ајоми тогаш седнал и за само дваесетина минути го создал препознатливиот риф. Басистот Гизер Батлер веднаш напишал текст, а Озборн ја отпеал песната без многу двоумење.
Иако била замислена како пополнување, песната толку ги импресионирала продуцентите и издавачите, што тие одлучиле албумот да го преименуваат во „Paranoid“, а истоимената песна да стане главен сингл.
Иако создадена брзо, песната носи длабока и вознемирувачка порака. Текстот зборува за човек што се бори со депресија, анксиозност и чувство на осаменост. Во еден од највпечатливите стихови стои: „I tell you to enjoy life / I wish I could but it’s too late“ (во превод: „Ти кажувам да уживаш во животот, посакувам да можев, но предоцна е“), реченица што ја пренесува безнадежноста и внатрешниот немир. Батлер подоцна изјавил дека не страдал од параноја, но го користел терминот како метафора за психичка нестабилност и лична криза.
Со своето кратко времетраење од 2 минути и 48 секунди, „Paranoid“ претставувала отстапка од препознатливиот стил на бендот, кој најчесто се потпирал на бавни и тешки рифови. Но токму енергичноста и едноставноста ѝ донеле радио-прифатливост и огромна популарност. Иако некои критичари на почетокот ја отфрлиле како „премногу едноставна“, денес нејзиниот риф се смета за еден од највлијателните во историјата на рокот, редовно споредуван со класици како „Smoke on the Water“.
„Paranoid“ стана првата вистинска хит-песна на „Блек сабат“, достигнувајќи го четвртото место на британската топ-листа, а албумот беше продаден во милионски примероци. Иако бендот често одбегнувал жанровски етикети, оваа песна ја зацврсти нивната улога како пионери на хеви-металот.