Дали канабисот има трајни последици врз човековото тело и здравје? Еве што утврдија научниците

Точка

22/07/2025

15:44

1.427

Големина на фонт

а а а

Дали и како употребата на канабис остава долгорочни биолошки траги врз човечкото тело?

Нова студија објавена во „Молекуларна психијатрија“ (Molecular Psychiatry) внесува доза на научна сериозност на прашање кое досега често остануваше во сферата на шпекулации.

Научници од Универзитетот Нортвестерн во САД, предводени од епидемиологот д-р Лифанг Хоу, покажаа дека канабисот не ја менува структурата на самата ДНК, туку влијае на начинот на кој се „читаат“ нашите гени, преку сложени епигенетски процеси кои вклучуваат метилација на ДНК, пишува „Саенс Алерт“ (Science Alert).


Ова се механизми кои не го допираат нашиот основен генетски код, туку влијаат на неговата експресија – како да не ги менувате зборовите во книга, туку ги замаглувате одредени пасуси за да останат невидливи за читателот. Особено, метилацијата на ДНК, процесот со кој метил групите се додаваат или отстрануваат од молекулите на ДНК, може да влијае на активирањето или деактивирањето на гените, а со тоа и на клучните биолошки функции како што се клеточната пролиферација, имунолошкиот одговор и хормонската сигнализација.

Студијата се базира на податоци од долгорочна анализа во која повеќе од 1.000 возрасни лица биле следени во текот на 20 години. Учесниците биле на возраст помеѓу 18 и 30 години на почетокот, и во текот на студијата давале детални информации за нивната употреба на канабис, како и примероци од крв на 15 и 20 години од почетокот на студијата. Оваа ретко достапна лонгитудинална база на податоци им овозможила на истражувачите да ги споредат ефектите од неодамнешната и кумулативната употреба на канабис врз епигенетските маркери во крвта.

Резултатите се изненадувачки јасни. Во примероци земени по 15 години, идентификувани се 22 епигенетски маркери поврзани со неодамнешна употреба на канабис и 31 маркер поврзани со кумулативна употреба. По 20 години, бројот на маркери поврзани со неодамнешна употреба се зголемила на 132, додека 16 биле поврзани со долготрајна употреба. Интересно е што еден маркер постојано се појавувал во сите анализи и претходно бил директно поврзан со употребата на тутун, што укажува на можна заедничка епигенетска регулација помеѓу марихуаната и тутунот.


Ова откритие покренува голем број дополнителни прашања. Некои од маркерите што ги пронајдоа истражувачите се веќе познати на науката и се поврзани со нарушувања како што се шизофренија и биполарно растројство, како и со зависности и ослабен имунолошки одговор. Сепак, авторите на студијата нагласуваат дека нивното истражување не докажува причинско-последична врска – не може да се каже дека канабисот ги предизвикал овие промени, ниту дека тие нужно ќе доведат до болест. Но, фактот дека промените воопшто се присутни и дека се забележани со текот на времето, дава сериозна причина за дополнителни истражувања.

Интересно е што претходните истражувања од истата научна група веќе покажаа врска помеѓу употребата на марихуана и забрзаното биолошко стареење, мерено прецизно со помош на епигенетски индикатори. Оваа нова анализа оди чекор понатаму и се обидува да утврди кои гени или патишта во телото се потенцијално засегнати и што тоа би можело да значи за долгорочното здравје на корисникот.

Во време кога сè повеќе држави ја легализираат рекреативната и медицинската употреба на канабис, истражувања како ова ги пополнуваат празнините во знаењето и го привлекуваат вниманието кон она што често се занемарува – дека природните супстанции, дури и оние што се сметаат за безбедни, можат да имаат длабоки и долготрајни биолошки ефекти. Епигенетските промени се посебни токму затоа што не ја менуваат самата ДНК, туку можат да имаат трајни последици, па дури и да се пренесат на следните генерации.


– Ова истражување дава нови сознанија за поврзаноста помеѓу марихуаната и епигенетските фактори. Но, потребни се повеќе истражувања за да се потврди дали овие наоди се репродуцибилни кај различни популации. Особено е важно да се следи како употребата на марихуана влијае врз здравјето во подоцнежниот живот – изјави епидемиологот д-р Дру Нанини, коавтор на трудот.