Компанијата за развој на вештачка интелигенција „Open AI“ потврди дека потпишала договор со фирмата „Oracle“ вреден 30 милијарди долари годишно за изградба на центри за податоци со моќност од 4,5 гигавати за проектот „Stargate“, кој во јануари го најави американскиот претседател Доналд Трамп.
Проектот претставува клучен чекор во стратешката иницијатива вредна 500 милијарди долари, чија цел е до 2029 година да овозможи изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција со моќност од 10 гигавати низ Соединетите Американски Држави.
Новата инвестиција, според проценките, треба да овозможи отворање на над 100.000 работни места – како во областа на изградбата и работењето на центрите за податоци, така и преку ланецот на снабдување и локалните услуги.
Меѓу овие работни места се директни, постојани ангажмани во самите центри, потоа привремени работни места во градежништвото, како и индиректни вработувања во производството на опрема и придружните дејности, се наведува на веб-страницата на „Open AI“.
Информациите за овој договор за прв пат се појавија во јавноста кон крајот на јуни, кога „Oracle“ во својот поднесок до американската Комисија за хартии од вредност („SEC“) наведе склучување на повеќегодишен договор што би му донел 30 милијарди долари приход годишно, но тогаш не беше откриено името на клиентот.
Таа вест предизвика нагло зголемување на акциите на „Oracle“, а основачот на компанијата Лари Елисон се искачи на второто место на листата на најбогати луѓе во светот на „Bloomberg“, пренесува „TechCrunch“.