Ерик Тен Хаг после осум месеци ја заборави етапата во Манчестер Јунајтед и си пронајде нов амбициозен ангажман, бидејќи уште во месец јуни беше претставен како нов тренер на германскиот вицешампион Баер Леверкузен.
„Фармацевтите“ го ангажираа холандскиот стручњак и му ветија сериозен проект и покрај заминувањата на Флоријан Вирц и Џереми Фримпонг, а доказ за тоа се осумте доведени фудбалери во краток временски интервал.
Најзвучни засилувања досега за Тен Хаг се Кванса од редовите на Ливерпул и Тилман од ПСВ за кои заедно се издвоија 70 милиони евра, а холандскиот стручњак сега доби директно прашање дали размислува по третпат во кариерата да го купи Антони.
Бразилецот е еден од петте прецртани ѕвезди на Рубен Аморим и е во потрага по нов клуб, а во ситуација кога Бетис разгледува безброј опции за финансиски да ги исполни неговите услови, Тен Хаг целосно го прецрта за проектот во блиска иднина.
– Антони има извонредни квалитети и веќе двапати го купив за мој тим. Тој ми е како син и се уште го сметам како мој син. Сепак, тоа не значи дека размислуваме на него во овој момент. Не сме заинтересирани и не е во нашите планови, но никогаш не знаеме што може да донесе иднината, – изјави Тен Хаг.