Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за зголемување на средствата за противпожарна заштита од 500 милиони денари

Макфакс

14/07/2025

14:52

117

Големина на фонт

а а а

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата на денешната седница на комисијата за финансирање и буџет, посветена на ребаланост на Буџетот поднесе амандман за зголемување на буџетските средства за противпожарна заштита во износ од 500 милиони денари.

„Со предложениот амандман бараме зголемување на буџетските средства наменети за функционирањето и развој на територијалните противпожарни единици во износот 500 милиони денари, со цел зголемување на платата на пожарникарите нови вработувања и подобрување на условите за работата безбедноста и ефикасноста на пожарникарите, како и за одржување на постојната механизација, подобрување на условите за работа во противпожарните станици, набавка на лична заштитна опрема за пожарникарите и дополнителен надомест за вонредно ангажирање на пожарникари и други лица“, истакна пратеничката на СДСМ Сања Лукаревскa, образложувајќи го амандманот.

Лукаревска нагласи дека изминатиот период има активни пожари низ целата држава -Чучер Сандево, Крива Паланка Николич во Дојран, Куманово, Македонски Брод, Прилеп, вчера актуелно и пожарот во Злокуќани во Карпош и на други населени места, а истото се случи и минатата година, кога изгоре 10% од територијата на државата.

„Ние, како пратеничка група на СДСМ и коалицијата, добро знаете дека ги повлековме сите амандмани за да имаме насочени средства повеќе кон системите во Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Сè што треба да се направи за да се помогне на овие институции, за да не доаѓаме во ситуации да немаме соодветни капацитети, да немаме доволно капацитети и да не сме соодветно подготвени. Затоа треба да бидеме вклучени сите во рамки на овој процес“, кажа таа.

Додаде дека законот предвидува да има еден пожарникар на 1.500 жители.

„Врз основа на оваа математика има двојно помалку пожарникари од законски предвидените норми. А се провлекува, исто така, и проблемот со возила и со опрема. Во моментот, ако ја имаме предвид оваа законска одредба, имаме помалку од 400 пожарникари во сите единици, иако тој број треба, нели, да биде поголем од 800“, рече Лукаревска, додавајќи дека дел од пожарникарите работат со стари возила, некаде и од 50-тата година и со стара опрема, а не постои ниту соодветен тренинг-центар за обука на новите и старите пожарникари.

Според неа, иако има огромен број на донации и од посебни организации, и од амбасади, сепак секоја општина е оставена сама на себе да се снаоѓа.

„Затоа треба сите заеднички да направиме напори да ја унапредиме оваа ситуација — да создадеме подобри услови и за противпожарниот систем, но и да овозможиме соодветно вреднување на трудот на самите пожарникари. На минатиот ребаланс во 2024 година, повторно, како пратеничка група на СДСМ и коалицијата, поднесовме амандман за соодветна награда за пожарникарите, полицајците, војниците и сите оние коишто учествуваа во гасењето на пожарите, бидејќи во тој период алармиравме и укажувавме дека се наоѓаме во сериозен процес. Врз основа на тоа, потребно беше да се дадат соодветни награди и соодветна сатисфакција. Но, повикувавме да имаме еден заеднички пристап, да не полемизираме, да не ја злоупотребуваме состојбата за евтини политички поени — напротив, сите заеднички да застанеме во афирмација на овој процес“, истакна Лукаревска.