Нов третман против меланом, базиран на вирусот на херпес, покажува ветувачки резултати, бидејќи кај некои пациенти туморите дури целосно исчезнуваат.
Повеќе од столетие откако лекарите првпат забележаа дека вирусните инфекции понекогаш можат да го запрат растот на ракот, науката конечно би можела да го претвори ова откритие во сигурно оружје. Друг вирус, дизајниран за убивање на клетки на рак, "RP1", наскоро може да биде одобрен за употреба во САД, нудејќи нова надеж за пациентите со напреднат меланом.
Во клиничкото испитување што го водеше Џино Ким Ин од Универзитетот во Јужна Калифорнија, 140 пациенти со напреднат меланом добиле инекции со "RP1", генетски изменет херпес симплекс вирус, директно во туморите. Овие пациенти претходно не реагирале на стандардни терапии. Покрај "RP1", добивале и ниволумаб, односно инхибитор на имунолошките контролни точки.
Според резултатите, кај 30% од пациентите дошло до намалување на туморите, вклучувајќи и на места кои не биле директно инјектирани.
Половина од оние кои одговориле на терапијата имале целосен одговор, што значи целосно исчезнување на сите тумори, рече Ин за "New Scientist".
Наскоро одлука од американската "FDA"
Поголемо клиничко испитување со 400 учесници веќе е во тек. Но, Ин рече дека Американската агенција за храна и лекови (FDA) може да го одобри "RP1" во комбинација со ниволумаб и пред завршувањето на оваа подоцнежна фаза на клиничкото испитување.
„FDA треба да донесе одлука до крајот на овој месец“, напомена тој.
Единствениот претходно одобрен вирус кој убива рак е "T-VEC", исто така изведен од херпес симплекс. Тој е одобрен во 2015. година и модифициран е да произведува "GM-CSF", молекула која поттикнува имунолошки одговор. Меѓутоа, "T-VEC" се користи ретко, бидејќи бил тестиран исклучиво на површни кожни тумори.
Противно на тоа, "RP1" бил инјектиран и во подлабоки тумори и покажува системски ефекти. Тој ќе поттикне поврзување на клетките на туморот, што овозможува ширење на вирусот и ја засилува имунолошката активација.
„Тоа укажува на посилен системски ефект“, рече Ин.
Ако биде одобрен, "RP1" може да претставува пресвртница во терапиите кои користат вируси за борба против ракот.
„Очекувам дека ќе има многу поголем интерес“, заклучи на крај Ин.