[ФОТО] Шпански истражувачи развиле евтина вештачка рожница од рибји крлушки

Точка

12/03/2026

09:16

319

Големина на фонт

а а а

Истражувачите од Универзитетот во Гранада развиле вештачка рожница направена од крлушки од неколку видови риби кои често можат да се пронајдат на пазарите, а која би можела да стане поевтина алтернатива на трансплантацијата на очна рожница од донатор кај потешки очни заболувања.

Рожницата – проѕирниот преден слој на окото – тешко се обновува кога е сериозно оштетена бидејќи нема крвни садови и има ограничена способност за регенерација. Тешките заболувања на рожницата честопати се лекуваат со трансплантација од донатор, но постапката е ограничена со достапност на органи и долги листи на чекање.

Научниците од Групата за инженерство на ткива на овој универзитет и од биомедицинскиот истражувачки институт „ibs.GRANADA“ објавија во соопштение дека направиле импланти на рожницата од рибји крлушки кои се високо биокомпатибилни, транспарентни и отпорни, пишува „Ројтерс“.


„Поради своето потекло, овој производ е широко достапен, лесно се добива и е евтин, а би можел да помогне и за развојот на локалната рибарска индустрија“, рекла Ингрид Гарзон, професорка по хистологија на овој универзитет на југот од Шпанија, која е и коавторка на истражувањето.

Иако тестирањата покажале дека би можеле да бидат корисни за поправањето и регенерацијата на рожницата, оваа технологија и понатаму е далеку од можна клиничка примена кај луѓето бидејќи се потребни уште испитувања кај луѓето.


Тимот изјавил дека материјалот покажал добри функционални резултати во лабораториските студии и кај животните кои ги примиле овие импланти.

„Иако стандардната трансплантација обично дава добри резултати, потребно е да се развијат нови ефикасни методи на регенерација кои не зависат од донација на органи, која често е ограничена од листите на чекање“, рекол Мигел Аламинос, исто така професор по хистологија на овој универзитет.


Научниот труд од 2016 година, што тогаш го објавиле истражувачите од Универзитетот во Антверпен, покажал дека вештачките рожници направени од рибји крлушки се биокомпатибилни со луѓето.