Граничните контроли стануваат сè почести во Европската Унија. Полска стана дванаесеттата европска земја што го презеде овој чекор.
Додека целта на Шенген зоната е всушност спротивна – укинување на границите и слободно движење. Прашањето останува: Може ли ЕУ сè уште да ја спаси слободата на движење?
Полска сега е дванаесеттата од 29-те земји-членки на Шенген зоната што воведува гранични контроли. Ова е директна реакција на зголемените контроли што Германија веќе со денови ги спроведува на својата граница со Полска, пишува Дојче Веле.
Според Паскал Аримонт, претставник на Европската народна партија (ЕПП) тоа не изненадува. Според него, сè повеќе влади ја добиваат идејата дека граничните контроли не се нужно лоши како и дека се покажало дека функционираат.
„Но, токму затоа тие треба да се третираат со голема претпазливост – секогаш треба да се гледаат во европски контекст“, истакна Аримонт, белгиски член на Европскиот парламент. Тој ја повикува Европската комисија да спроведе правна анализа за да провери дали мерките се воведени во согласност со член 25 од Шенгенскиот закон.
Правна рамка за привремени контроли
Факт е дека член 25 од Шенгенскиот закон им дозволува на државите привремено повторно да воведат гранични контроли – за период од десет дена, без претходна најава, доколку постои непосредна закана, како што е сомневање за терористички напад.
После тоа, можни се дополнителни контроли до шест месеци, а во исклучителни ситуации до две години – доколку се загрозени јавниот ред или внатрешната безбедност. Како пример често се наведува големиот прилив на мигранти.
Европската комисија редовно нагласува дека контролите мора да бидат временски ограничени и да се спроведуваат само како последно средство.
Исто така, според портпаролот на Комисијата, Маркус Ламерт и соседните земји и самата Комисија мора да бидат информирани за секоја одлука. Тој додаде дека се во постојана комуникација со сите засегнати страни.
Меѓутоа, сè почесто се случува Комисијата да „замижува“ пред долгорочните контроли. Така, контролите во Баварија на германската граница со Австрија се во сила од есента 2015 година, додека Данска формално ги обнови контролите на границата со Германија пред осум години.
Комисијата нема овластување да ги забрани веќе најавените контроли. Таа може само да изнесе мислење за нивната оправданост и пропорционалност.
Иднината на Шенген зоната е во прашање
Сè уште не е јасно до кој степен сите овие контроли низ Европа се навистина оправдани. Покрај Германија и Полска, гранични контроли во моментов вршат Франција, Холандија, Австрија, Италија, Словенија, Данска, Шведска, Норвешка, Шпанија и Словачка. Белгија – како тринаесетта земја – планира да воведе контроли во текот на летото.
Во секој случај, се работи за загрижувачки тренд, предупреди европскиот комесар за внатрешни работи Магнус Брунер, кој потсети на вредностите што ги донесе Шенген:
„Ова мора да престане. Ние мора да ја исполниме нашата должност како Европска комисија“.
Тој апелира за брзо спроведување на Пактот за азил и миграција. „И ги повикуваме земјите-членки да го забрзаат тоа“, додаде Брунер.
Многумина во Брисел сè уште се надеваат дека Шенгенскиот режим, или слободата на движење во Европа, би можел да се спаси ако Пактот за азил и миграција биде целосно имплементиран до летото 2026 година. Клучот за ова, пред сè, лежи во поефикасната заштита на надворешните граници на ЕУ.