Феде Валверде имаше можност да се развива и да учи од најдобрите играчи за врска во светот, а последен од плејадата која оствари историја во Реал Мадрид е Лука Модриќ.
По Касемиро и Тони Крос, Модриќ си заминува од Реал по крајот на Светското клупско првенство, па во ситуација кога соиграчите ги бројат последните денови со хрватскиот маестро, дел од нив не пропуштаат да ги нагласат сите фудбалски и човечки квалитети кои ги поседува Лука.
Последен во низата е Валверде, кој во делењето комплименти за Модриќ го издвои и неговиот неверојатен натпреварувачки дух, кој не изостанува и на тренинзите.
– Лука Модриќ е пример за сите нас, освои сè што може да се освои, веќе не мора да освои ништо. Ја придоби почитта од цел свет, тој секогаш ќе биде највреднуван играч во овој тим на Реал. Можеби ние имаме други стартери, но тој секогаш ќе биде најдобар.
– Тој е пример за сите, ќе биде така и кога ќе не напушти. Тој секогаш ќе биде наш Лука Модриќ, нашата „Златна топка“, нашата „десетка“. Тоа нема да се промени по заминувањето кое следи. За него можам да кажам само една лоша работа, а тоа е дека многу се лути кога нема да победи на натпреварите кои ги играме на тренинг, – вели Валверде.