Директор и вработени во Општината и во Министерството пустошеле во Националниот парк Маврово, заработиле над 3 милиони денари

Макфакс

30/06/2025

14:18

159

Големина на фонт

а а а

Полицијата поднесе кривична пријава за вработен во Општина Маврово Ростуше, директор во ЈУ Национален парк Маврово, раководител на одделение за одржливо користење во ЈУ Национален парк Маврово и за вработен во Министерството за шумарство и земјоделство за пустошење заштитена шума во Националниот парк Маврово.

На овој начин пријавените стекнале противправна имотна корист од извршената нелегална сеча сѐ до продажба на дрвната маса на претходно договорени купувачи на штета на ЈУ Национален парк Маврово во износ од 3.005.625 денари.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х. И. (40) од Општина Маврово Ростуше, директор во ЈУ Национален парк Маврово, Г. А. (44) од с. Ниќифорово, раководител на одделението за одржливо користење во ЈУ Национален парк Маврово и за А. Б. (54) од Гостивар, вработен во Министерството за шумарство и земјоделство, за сторени две кривични дела – злоупотреба на службената положба и овластувањето и за несовесно работење во службата на штета на ЈУ Национален парк Маврово.

Во текот на март и април 2025 година првопријавениот ги пречекорил своите службени овластувања, така што со третопријавениот усно договорил вршење нелегална сеча на техничко дрво – ела во ЈУ Национален парк Маврово на местото наречено Брана, а за вонреден инспекциски надзор за наведената сеча бил задолжен второпријавениот. Првопријавениот најпрвин испратил барање до Државен инспекторат за шумарство и ловство, упатено до третопријавениот, во кое побарал да биде извршена сеча на наведената локација за наводно оштетени стебла од дрво – ела, оштетени од атмосферски влијанија. Првопријавениот со повреда на законските прописи и со пропуштање должен надзор врз второпријавениот овозможил да се изврши пустошење на заштитената шума во Националниот парк Маврово, без претходно се објави оглас за сечата за таа да биде јавна и транспарентна.

Од страна на третопријавениот е наведено да се изврши ознака и сеча, а според извршеното мерење, вкупната дрвна маса од сите три оддели требало да изнесува 403 м3 ела и 55 м3 бука, што не соодветствува со реалната и со фактичката состојба подоцна утврдена на самото место.

Второпријавениот со повреда на законските прописи овозможил да се врши пустошење заштитена шума во Националниот парк Маврово и во согласност со спецификација од Шумската полиција Гостивар сечата е извршена само во одделот 67а, каде што исечени се вкупно 858.75 м3 повеќе кубици од предвиденото. Третопријавениот на 10.3.2025 година изготвил записник за извршен инспекциски надзор и решение, во кои внел лажни и невистинити податоци.