[ФОТО] Кабул на работ на катастрофа: прв главен град во светот што може да остане без вода

Макфакс

20/07/2025

16:33

1.094

Големина на фонт

а а а

Главниот град на Авганистан се соочува со сериозна водна криза која станува се’ поопасна и неподнослива за локалното население. Со растечката популација и климатските промени, подземните води од кои Кабул зависи драстично се намалуваат, а околу 80% од нив се контаминирани, што доведува до здравствени проблеми кај граѓаните.

Според податоците на хуманитарната организација „Мерси Корпс“, во последната деценија нивото на подземните води во Кабул опаднало за околу 30 метри, предизвикувајќи пресушување на речиси половина од бунарите во градот. Годишната потрошувачка на вода надминува 44 милиони кубни метри повеќе отколку што природата може да ја надополни.

Многу семејства се принудени со часови да чекаат или да плаќаат високи цени за вода од приватни снабдувачи. Една од нив е и Рахила, мајка на четири деца, која секое утро излегува со канти за да обезбеди вода за пиење.

„Немаме вода, секоја голтка е скапа и мораме да штедиме дури и на храна“, вели Рахила.

Се проценува дека 80% од подземните води во Кабул се контаминирани со фекалии од импровизирани тоалети и индустриски отпад. Жителите редовно страдаат од дијареа и повраќање.

– Постојано сме болни. Доволно е да ги измиеме забите со таа вода – раскажува Сајед Хамед, државен службеник со тројца деца.

Климатските промени дополнително ја влошуваат состојбата – снегот кој порано ја одржуваше водата во подземните извори сега е заменет со краткотрајни, но интензивни врнежи, кои не го обновуваат нивото на водата, туку предизвикуваат поплави.

УНИЦЕФ предупредува дека доколку не се преземат итни мерки, Кабул може целосно да остане без подземна вода до 2030 година.

Политичката нестабилност и намалената меѓународна помош откако талибанците ја презедоа власта, дополнително ги отежнуваат напорите за справување со кризата. Хуманитарните организации имаат ограничени средства и потребни им се стотици милиони долари за обнова на системите за водоснабдување.