Петнаесет години по премиерата на филмот „The Social Network“, најавено е продолжение кое ќе истражува нови поглавја во приказната за една од највлијателните социјални мрежи денес.
Иако оригиналниот филм од 2010 година го режираше Дејвид Финчер, новиот дел го режира Арон Соркин - сценаристот на првиот дел и добитник на Оскар.
За разлика од претходниот филм, кој беше инспириран од книгата „The Accidental Billionaires“, продолжението има работен наслов „The Social Network II“ и е базирано на серија истражувачки статии наречени „The Facebook Files“, кои беа објавени од „Wall Street Journal“ во 2021 година.
Овие текстови ги разоткриваат внатрешните проблеми на компанијата „Meta“ (порано Facebook), вклучувајќи ги негативните ефекти од алгоритмите, ширењето на дезинформации и конфликтот помеѓу профитот и етиката.
Продолжението го продуцира „Sony Pictures“, а меѓу продуцентите се Тод Блек, Питер Рајс, Стјуарт Бесер и самиот Соркин. Актерската екипа сè уште не е потврдена и останува непознато дали Џеси Ајзенберг ќе ја повтори својата улога како Марк Закерберг.
За потсетување, првиот филм беше огромен успех - заработи 226 милиони долари низ целиот свет и освои три Оскари, вклучувајќи го и Оскарот за најдобро адаптирано сценарио. Покрај Ајзенберг, во филмот глумеа и Ендјру Гарфилд, Џастин Тимберлејк и Руни Мара.
Интересно е што Соркин зборуваше за можно продолжение уште во 2021 година, нагласувајќи дека би го направил само ако Финчер се согласи да режира. Сепак, оттогаш се предомисли и веќе почна да го пишува сценариото. Новиот филм е сè уште во рана фаза на развој, но со оглед на моменталната тема и претходниот успех, очекувањата се големи.