Муцунски: Од позиција на климање со глава, се вративме на патот на самопочит и влијание

Макфакс

27/06/2025

14:19

405

Големина на фонт

а а а

Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се одржа прес-конференција по повод една година од мандатот на Владата. Во рамки на прес-конференцијата свои обраќања имаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски и развојни зони, Гоце Димовски.

„Во периодот од конституирањето на Владата до денес, со ново поставените цели и приоритети на Владата и МНРНТ, постигнавме суштинско редефинирање на македонската надворешна политика – проширена и со портфолиото на надворешна трговија“, истакна Муцунски.

Според него, клучен чекор беше донесувањето на новиот Закон за надворешни работи.

„Со овој закон го зголемивме задолжителниот процент на професионални амбасадори, ги подобривме условите за работа на дипломатите, ги презедовме надлежностите во делот на надворешната трговија и воспоставивме јасна законска рамка за улогата на законодавниот дом во меѓународните односи“, нагласи Муцунски.

Фокусот, додаде тој, беше ставен на јакнење на билатералниот политички дијалог и економската соработка, со стратешките партнери, со соседите преку добрососедски односи, со земјите-членки на НАТО и ЕУ, како и со држави од сите региони – билатерално и во рамките на мултилатерални организации, со цел успешно позиционирање на државата на меѓународната сцена.

„Ги продлабочивме односите со традиционалните партнери и изградивме нови пријателства“, рече министерот.

Потенцира дека членството во НАТО останува клучно.


Во делот на ЕУ интеграцијата, подготвена и усвоена е Реформската агенда 2024–2027, како дел од Планот за раст на Западен Балкан. „Со навремена имплементација, станавме прва држава што доби предфинансирање од 52,4 милиони евра“, потенцира министерот.

Појасни дека партнерството со САД останува столб на надворешната политика.

Во делот на конзуларните услуги, набавена е нова опрема за биометриска обработка, зајакнати се капацитетите за пасоши, продолжена е усогласеноста со ЕУ, а е завршена фазата за усогласување со Турција. Постигната е визната либерализација со ОАЕ, а во завршна фаза е и спогодбата со Азербејџан за безвизно патување на носителите на дипломатски и службени патни исправи.

„Дијаспората останува важен дел од нашата политика. Поддржани се 25 проекти, се евалуираат 117 нови, се работи на избор на стипендисти и се изработува Национална стратегија 2025–2030.

Навраќајќи се на трагедијата во Кочани Муцунски кажа дека министерството имало клучна координациска улога. „Упативме над 100 наши граѓани на лекување во 14 европски земји. Реализиравме и успешни евакуации од Блискиот Исток“, акцентираше Муцунски.

„Дипломатијата не е само надворешна политика, таа е карактерот на државата во очите на светот. И оваа година, изградивме карактер – достоинствен, цврст и целосно усогласен со националните интереси. Карактер што го носи секој вистински Македонец со гордост. Дипломатијата не се гради само со документи и средби, туку со секој збор, секоја постапка и секое партнерство. Токму во тоа успеавме. Од позиција на климање со глава, се вративме на патот на самопочит, стабилност и влијание. Денес сме држава што гради, нуди и создава – со почит, визија и интегритет. Со ваков карактер, ја потврдивме нашата позиција како кредибилен и респектиран партнер. А најважно – ја вративме довербата на граѓаните“, заклучи Муцунски.