[ФОТО/ВИДЕО] Погледнете како „паднал“ најопасниот човек во Еквадор: Се криел во кујна

Точка

26/06/2025

19:53

2.164

Големина на фонт

а а а

Најбараниот бегалец во Еквадор е повторно фатен – повеќе од една година откако избегал од затвор со максимална безбедност.

Водач на бандата Лос Чонерос

Хозе Адолфо Масијас, познат по прекарот „Фито“, бил водач на бандата Лос Чонерос, а бил пронајден во неговиот роден град Манта по обемна полициска операција што траела 10 часа.

Снимката на еквадорската армија покажува униформиран војник како држи пиштол вперен во главата на Масијас откако го пронашле како се крие во мала дупка под кујнскиот шанк.

Километарско досие

„Фито“ има долго криминално досие, вклучувајќи обвиненија за убиство и организиран криминал. Во 2011 година, тој беше осуден на 34 години затвор, пренесе Скај њуз.

За негово апсење беше издадена меѓународна потерница и понудена награда од 1 милион долари. Властите сè уште не објасниле како избегал од затвор – дури кога пристигнала војската да го префрли во друг затвор, се открило дека неговата ќелија е празна.

По неговото бегство била прогласена вонредна состојба

По неговото бегство, била прогласена 60-дневна вонредна состојба. Во овој период, маскирани вооружени лица упаднале во телевизиско студио за време на пренос во живо, заканувајќи се дека ќе употребат бомби.

Интерпол брзо издаде потерница по Масијас, кој ќе се соочи со меѓународни обвиненија за трговија со дрога и оружје пред суд во Њујорк.

За што е обвинет?

Масијас е обвинет за шверц на кокаин низ целиот свет, како и за шверц на огнено оружје и муниција од САД во Еквадор, во соработка со мексикански картели.


Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа потврди дека земјата веќе побарала негова екстрадиција во САД и истакна дека „ќе паднат и други озлогласени криминалци“.

„Фито“ уживал речиси култен статус кај дел од јавноста и беше познат по организирањето раскошни забави во затворот, каде што имал пристап до алкохол и борби со петли.

Лос Чонерос

Во 2023 година, тој објави видеообраќање до луѓето од затворот, окружен со вооружени мажи.


САД минатата година ги означија Лос Чонерос како една од најнасилните криминални групи во светот, додека Еквадор ги класифицира како терористичка организација.

Апсењето на Масијас се случи неколку недели откако владата објави дека наградата за информации што ќе доведат до негово апсење ќе се зголеми на 1 милион долари (околу 730.000 евра).