Мицкоски: По седум години застој градиме интерконектор за гас со Грција, од увозно зависна земја, ќе станеме земја која извезува електрична енергија

Макфакс

26/06/2025

15:47

210

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека конечно по 7 години застој се работи на интерконекторот за гас со Грција и стануваме земја низ која ќе транзитира гас, што заедно со другите проекти во енергетиката од увозно зависна земја, ќе нè направат земја која извезува електрична енергија што ќе влијае позитивно во финансиските биланси.

Во однос на изградбата на интерконекторот за гас со Грција, Мицкоски појасни дека на минатата влада и бил оставен завршен проект со потпишани договори, обезбедено финансирање, проектирање, но по 7 години тие ништо не направиле освен тендер со основ за корупција кој го довел во прашање финансирањето на истиот.

„Заемодавателите рекоа дека не го финансираат затоа што во тендерската документација има делови кои укажуваат на корупција и рекоа дека се повлекуваат или да се коригира тендерската документација да почне од почеток. Имајќи предвид дека овој интерконектор е многу значаен за иднината на државата, затоа што со него и интерконекторот во соседна Србија и крак до соседно Косово, ние стануваме многу значаен играч во делот на транзитот на енергенси, затоа што капацитетот на овој интерконектор околу е 3 милијарди метри кубни, со оние кои доаѓаат од исток ќе дојдеме до 4 или 4,5 милијарди метри кубни, а ние како држава трошиме половина милијарда, значи 4 милијарди ќе транзитираат. Прв пат стануваме земја која ќе биде на мапата транзит држави на ваков тип на енергенси и замислете тие си играат 7 години и тендерот паѓа затоа што имало основ за корупција. Ние ја коригиравме тендерската документација, ја објавивме, избравме изведувачи, пративме до заемодавателите и тие дадоа зелено светло“, изјави Мицкоски.

Додаде дека фирмата од пред еден месец е воведена во работа, теренските активности се завршуваат и се оди со исклучително брза динамика и околу 10 јули се планира официјално да им се претстави на македонските граѓани дека се гради втор интерконектор.

„Досега имавме еден со Бугарија, но еднонасочен, овој е двонасочен. И тој кој планираме да го градиме со Србија за да бидеме земја низ која ќе транзитира гас. Очекувам крајот 2026 година или почетокот на 2027 година, овој да биде функционален и поврзан со националниот гасовод на Македонија. Тоа е сериозна работа, бидејќи ќе може да се донесат нови количини за новите гасни централи кои ги планираме во Скопје, но и низ државата. Енергетската независност не е само со овој интерконектор, туку продолжуваме да ја градиме бидејќи тоа е архитектура за иднината на државата“, потенцираше Мицкоски.

Тој посочи дека се почнува и со многу значаен проект, а тоа е ветерниот парк во Штип, Карбинци и Радовиш кој годишно со максимален капацитет ќе произведува 1 терават час електрична енергија, тоа е околу 20% од денешно планирано производство на АД ЕСМ и за прав пат оваа година се очекува да заврши годината со резултат еднаков на нула, односно ќе произведеме онолку колку ќе потрошиме.

„Се разбира ќе има периоди од годината кога ќе увезуваме, тоа е најчесто зимно, ќе има и кога ќе извезуваме, но на крајот на годината за прв па ќе бидеме нула, нема да бидеме увозно зависна, а потоа откако ќе бидат пуштени првите количини ќе бидеме извозник, што е историски показател, ќе имаме вишок на електрична енергија и тоа ќе влијае и во финансиските биланси и во БДП“, изјави Мицкоски.

Додаде дека со Косово обезбедуваме околу милион тони јаглен кој понатаму ќе се плати со струја, а не како порано со тендери, високи цени, броење кеш, сега е поразлично и прашање е зошто порано се плаќал јагленот поскапо од сега и каде одела таа разлика.