[ФОТО] Сериозна закана по безбедноста на туристите: Омилените летувалишта во Грција под инвазија на виолетови медузи – убодот е болен и опасен

Точка

26/06/2025

11:35

2.635

Големина на фонт

а а а

Според последното соопштение на Опсерваторијата за биодиверзитет на Грција, во водите на Егејското море забележана е нова појава на виолетови медузи (Pelagia noctiluca), кои претставуваат сериозен ризик за капачите.

Ситуацијата особено е алармантна на северот од Евија, во Пагасетичкиот Залив и околу Северните Споради, а експертите предупредуваат дека ширењето на овој вид се случува побрзо од што претходно било проценето.

„Нашите почетни процени за јачината на наезда на виолетови медузи беа погрешни. Причината е слабиот одзив на граѓаните на јавните повици за пријавување на присуството на медузи, што создало искривена слика за реалната состојба“, се наведува во соопштението на Опсерваторијата.

По ревидираните податоци, било утврдено дека ситуацијата се влошува. Источното крајбрежје на Пагасетичкиот Залив и северот на Евија моментално се меѓу најзагрозените региони, а според новите извештаи, колку што одите посеверно, проблемот станува поголем.


Присуство на медузи потврдено и на Северните Споради

Инвазијата сега се проширила и на Северните Споради вклучувајќи ги и популарните острови Скијатос и Скопелос, каде веќе биле потврдени случаи за присуство на виолетови медузи. Овој вид е познат по својот јак и болен убод, којшто може да предизвика сериозни реакции, особено кај децата и лицата со чувствителна кожа.

„Овие медузи се импресивни, но и потенцијално опасни заради интензивниот убод“, предупредуваат од Опсерваторијата.

Препораки за туристите и научни повици

Граѓаните и туристите кои престојуваат во погодените области повикуваат на внимание при влегување во вода.

Исто така се препорачува сите кои ќе забележат медуза да постават фотографија и видео на платформата „iNaturalist“ за експертите да го потврдат видот и да се овозможи ширење податоци на научната заедница и во јавноста.


Слична појава забележана и во други делови од Медитеранот

Оваа појава потсетува на голем бран виолетови медузи кои го зафатил Медитеранот меѓу 2020 и 2023 година. Моментално најтешко погоден е Гибралтар, додека пак наезда на медузи забележана е и во Шпанија, Франција, Италија и на Јадранот.