Барселона и натаму е во процес на комплетирање на посакуваниот трансфер на Нико Вилијамс, но денеска стана јасно дека и Атлетик Билбао пробува да го блокира трансферот на крилниот напаѓач.
Баскијците не можат да му се спротивстават на шпанскиот шампион, ако тој реши да ја исплати откупната клаузула од 58 милиони евра, но денеска претставници на Атлетик реагирале во Ла Лига поради потенцијалниот трансфер на Вилијамс.
Менаџментот на ривалскиот клуб смета дека Барса не го исполнува финансиското правило 1:1 и не може да си го дозволи Вилијамс, а тоа го налути Жоан Лапорта, кој испрати порака до колегите од ривалскиот клуб.
– Не можам да кажам дека имаме непријателски однос со Атлетик Билбао.
– Изминативе години имаше недоразбирања и проблеми, но не би рекол дека тоа е доволно за да кажеме дека сме во лоши односи.
– Сепак, не ја разбирам нивната реакција. Со сета почит, секој треба да си ја гледа својата работа, не знам зошто зборувале за Барса во просториите на Ла Лига. Мислам дека тоа е непристојно, но тие знаат што прават, – рекол Лапорта.