Хотелот „The Joule“ во центарот на деловниот кварт на Далас во американската држава Тексас стана туристичка атракција меѓу странците, како и меѓу локалните жители. Причината се крие во необичната положба на застаклениот базен, кој се наоѓа на 10-тиот кат од зградата.
Тој е околу 2,5 метри испакнат од остатокот од зградата, па изгледа како да виси над прометна улица. Похрабрите ќе допливаат до крајот на базенот, ќе погледнат надолу и ќе се почувствуваат како да лебдат над вжештениот асфалт.
Базенот е вистинска мала сина оаза среде бетонската џунгла во Далас. Поради тоа не изненадува фактот што стана популарно место за собирање во летните месеци како за гостите на хотелот, така и за жителите на Далас, кои имаат можност да платат дневна карта од 50 долари, или околу 43 евра, за да уживаат во неговата магија.
„The Joule“ е луксузен хотел со 161 соба, именуван по мерната единица за енергија (џул). Дизајнерот Адам Д. Тихани го дизајнирал во модерен стил во рамки на неоготска зграда од 1920-тите. Исполнет е со интересни уметнички дела, вклучувајќи неколку дела од Енди Ворхол.
Покрај необичниот базен, вниманието на посетителите го привлекува и необично уметничко дело кое се наоѓа пред зградата – скулптура на око висока девет метри од Тони Тасет.