[ВИДЕО] Ова е најпријатниот град за живеење на светот за 2025 година: На тронот го донесоа четири клучни фактори

Точка

18/06/2025

16:40

1.245

Големина на фонт

а а а

Копенхаген официјално е прогласен за најпријатниот град за живеење во 2025 година, исфрлајќи ја од тронот Виена која три години по ред го заземаше првото место на листата на „Economist Intelligence Unit“.

Во конкуренција од 173 светски градови, данската престолнина се истакна со „совршени оценки“ во категориите стабилност, образование и инфраструктура со што го зазеде првото место на глобалниот индекс за квалитет на живот.

Виена годинава се најде на второто место кое сега го дели со швајцарскиот град Цирих. Иако и натаму е високо рангиран, главниот град на Австрија забележа пад во категоријата стабилност, меѓу другото и поради инцидентот на минатогодишниот концерт на Тејлор Свифт кога поради дојави за бомби настанот беше откажан.


Топ 10 најпријатни градови за живеење во 2025 година, според „EIU“:

1. Копенхаген, Данска;
2. Виена, Австрија;
3. Цирих, Швајцарија;
4. Мелбурн, Австралија;
5. Женева, Швајцарија;
6. Сиднеј, Австралија;
7. Осака, Јапонија;
8. Окленд, Нов Зеланд;
9. Аделаида, Австралија;
10. Ванкувер, Канада.


Што го прави Копенхаген град број 1?

Според „EIU“ Копенхаген е комбинација на високото ниво на безбедност, беспрекорен јавен превоз, квалитетно образование и одлична здравствена заштита.

Градот е долго познат по својата одржливост, инфраструктура за велосипеди и животниот стандард, но годинава сето тоа било преточено во највисока вкупна оцена.

Барсали Батачар од „EIU“ истакнува дека глобалните резултати останале стабилни, но дека падот на оцената во категоријата стабилност довел до значајни промени меѓу водечките градови. Токму тоа, ја чинело Виена лидерската позиција.


Пад на Канада, проблеми во Велика Британија

Некои градови кои претходно биле високо рангирани, сега забележале пад. Канадски Калгари паднал од 5 на 18 место поради пониски оцени во однос на здравствената заштита, додека пак Торонто и Ванкувер исто така забележале пад поради проблеми со здравството и долгите листи на чекање.

Обединетото Кралство бележи пад во оцените поради стабилноста по протестите и немирите во земјата, што довело до пад на Лондон, Манчестер и Единбург.

На дното на листата нема многу изненадувања: Дамаск (Сирија) останува најнепријатниот град за живеење, додека пак веднаш зад него се нашле Триполи (Либија), Дака (Бангладеш) и Карачи (Пакистан).