Овој настан се случува во време на долготрајни протести и растечко незадоволство меѓу граѓаните на Србија.
Јусеин Болт, најбрзиот човек во историјата и светски рекордер на 100 и 200 метри, деновиве престојува во Белград. Легендарниот спринтер од Јамајка се наоѓа во српската престолнина поради деловен ангажман, а ќе се сретне и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Според најавите, Болт треба да ја преземе улогата на амбасадор на меѓународната изложба Експо 2027, која е закажана за периодот од 15 мај до 15 август истата година во Белград. Проектот Експо веќе со месеци предизвикува силни реакции во српската јавност, а многумина го сметаат за контроверзен поради високите трошоци и политичкиот контекст.
Официјалната средба помеѓу Болт и Вучиќ е закажана за 10:30 часот во Палата Србија, по што двајцата ќе се обратат пред медиумите. Настанот се случува во чувствителен политички момент, кога претседателот Вучиќ се соочува со повеќемесечни протести и сè поголемо граѓанско незадоволство, а самиот проект Експо 2027 дополнително ја поларизира јавноста.
Јусеин Болт зад себе има блескава спортска кариера, крунисана со осум олимписки златни медали, единаесет светски злата, две сребра и една бронза. Неговите светски рекорди, поставени во 2009 година во Берлин – 9.58 секунди на 100 метри и 19.19 секунди на 200 метри – и денес остануваат ненадминати стандарди во атлетиката.