Папата Лав го прекрши протоколот на облекување и откри за кого навива

Точка

14/06/2025

09:45

3.342

Големина на фонт

а а а

Папата Лав XIV, роден во Чикаго и прв Американец на чело на Римокатоличката црква, се појави во јавност носејќи бејзбол капа со обележја на тимот „Чикаго Вајт Сокс“, со што стана првиот папа кој ја комбинирал спортската облека со белата папска мантија. Лав, роден како Роберт Превост, беше фотографиран насмеан со капата на главата за време на неговата редовна неделна аудиенција во Ватикан. Притоа се сретна и со младенци – со што ги прекрши и традиционалните правила за папско, но и за свадбено облекување.

Љубовта на папата Лав XIV кон бејзболот стана очигледна веднаш по неговиот избор на 8 мај, но спортската јавност се прашуваше – дали навива за „Чикаго Кабс“ или за „Вајт Сокс“, имајќи предвид дека е роден во тој град? Неговиот брат Џон брзо одговори на новинарите – Лав е навивач на Вајт Сокс. Снимки покажуваат дека присуствувал и на финалето на американското бејзбол првенство во 2005 година, кога тимот ја прекина 88-годишната пауза и ја освои титулата.

Приврзаноста кон овој бејзбол клуб е само уште еден дел од имиџот на „папата од соседството“. По неговиот избор – по дводневната конклава – интернетот реагираше експресно. Весникот "Chicago Sunday Times" го нарече „Да Папа“, а наскоро се појавија и фотомонтажи и AI-генерирани слики на кои позира со чикашки хот-дог и шише „Малорт“ – локален силен алкохолен пијалак. Алумни од Универзитетот Виланова, каде што студирал, исто така сакаа да го „присвојат“, споделувајќи слики што го прикажуваат во целосна универзитетска опрема – секако, исто така креирани со вештачка интелигенција.


Ова не е првпат некој папа да стане интернет сензација. Неговиот претходник, папата Франциско, стана вирален благодарение на "AI"-слика на која носи бела „Balenciaga“ јакна со уличен стил – сцена од 2023 година што не беше вистинска, но на симболичен начин го отслика неговиот понтификат. Франциско од самиот почеток ги одбегнуваше раскошните и застарени симболи кои ги сакаше Бенедикт XVI, како сјајните црвени чевли, и претпочиташе едноставни мантили и црни ортопедски чевли. Поради тоа, списанието "Kat" во 2015 година го нарече „нормкор папа“, а "Esquire" му ја додели титулата „најдобро облечен маж“ за 2013 година. Иако никогаш јавно не носел дрес, тој беше страстен фудбалски навивач – особено на својот матичен клуб „Сан Лоренцо“ од Алмагро.

Месец по изборот, стилот на папата Лав помина речиси незабележано – сè до сега. Капата на Вајт Сокс можеби е најава за порелаксиран пристап и кон облекувањето. Новиот мурал во Рим, на кој е прикажан во дрес сличен на оној на „Чикаго Булс“, можеби навестува што следува – црвената боја, сепак, е класична папска нијанса.