Славен српски фудбалер ќе му биде асистент на Киву во Интер

Дерби

11/06/2025

11:29

167

Големина на фонт

а а а

Прв избор на Бепе Марота по заминувањето на Симоне Инѕаги беше Сеск Фабрегас, но откако многу брзо стана јасно дека Шпанецот не планира да си замине од Комо, на сцена стапи името на Кристијан Киву.

Интер без големи проблеми го договори својот поранешен фудбалер и му овозможи возбудлива етапа како предводник на стручниот штаб, кој во текот на наредните неколку дена ќе треба да биде целосно пополнет.

Легендарниот Романец потпиша двегодишен договор со актуелниот италијански вицешампион, но сега стана познато и кој ќе му биде „десна рака“.

Како што јавуваат неколку реномирани италијански извори, прв асистент на Киву ќе биде Александар Коларов, славниот српски фудбалер кој својата играчка кариера ја заврши токму во Интер.

По крајот на кариерата, Коларов се испроба како спортски директор, во моментов работи и како селектор во младинската селекција на Србија, а сега ќе го има своето прво тренерско искуство на клупски план.

Асистентската улога сигурно ќе му помогне да напредува и да учи заедно со Киву, кој пред да стане тренер на Интер, работеше во младинскиот погон на „нераѕурите“, а изминатава сезона избори опстанок со Парма во Серија А.