Левандовски за повлекувањето од националниот тим: Селекторот ме изневери и разочара

Дерби

10/06/2025

10:59

348

Големина на фонт

а а а

Полската фудбалска репрезентација наредниов период нема да смета на Роберт Левандовски, бидејќи самиот фудбалер најави дека нема да прифаќа повици од актуелниот селектор Михал Пробиерж.

Напаѓачот на Барселона бил шокиран од односот на Пробиерж и вели дека не може да помине преку она што му го направил селекторот пред два дена.

– Добив неочекуван повик од Пробиерж во кој ми соопшти дека ќе ми ја одземе капитенската лента.

– Не бев подготвен за такво нешто, во тие моменти ги подготвуваме децата за спиење. Разговорот траеше неколку минути, не стигнав ни да им ја пренесам информацијата на најблиските бидејќи веќе беше објавена преку медиумите.

– Ја носев капитенската лента 11 години, а 17 години настапувам за Полска. Мислам дека за ваква работа треба да има поинаква комуникација, а не само соопштување на одлука преку телефон. Селекторот ме разочара и изневери, погоден сум од тоа што се случи, – рекол Левандовски.

До ваква ситуација дојде откако медиумите го критикуваа Левандовски што побарал да не настапува за Полска на двете средби од овој мини циклус, оправдувајќи го барањето со тешката и долга сезона во дресот на Барселона и проблемите со повреди кои ги имаше.

Селекторот решил да преземе неочекуван чекор, а Левандовски е лут поради начинот на кој го направил тоа и му посакал среќа на новиот капитен Пјотр Зјелински.