Се наоѓа во Европа и „ќе ви го исцеди“ паричникот: Ова е најскапата дестинација за патување во 2025 година

Точка

31/07/2025

20:06

3.685

Големина на фонт

а а а

Предвид се земени вообичаените трошоци како сместување, храна и превоз.

Патувањата можат да бидат незаборавни, но и исклучително скапи – особено ако планирате да го посетите Исланд. Според најновата студија на финансиската компанија „The Forex Complex“, оваа популарна европска дестинација го зазеде првото место на листата на најскапи места за одмор во 2025 година – барем кога станува збор за американските туристи. Студијата, пренесена од „Travel + Leisure“, опфати 19 меѓународни дестинации, а Исланд предничи со просечен дневен трошок од над 400 долари – повеќе од која било друга земја во истражувањето.


Една од главните причини за толку високите цени е стапката на инфлација во Исланд, која изнесува 5,5%, што влијае на цените на сместувањето, храната и превозот. „Флуктуациите на валутите можат значително да ги променат трошоците за патување, дури и во земји со стабилни локални цени“, порачаа од „The Forex Complex“. „Промените во девизниот курс можат незабележливо, но значително да влијаат на туристичкиот буџет – оние што го игнорираат ова може да имаат многу поскапо лето отколку што планирале.“

На второто место меѓу најскапите дестинации се најде Австралија, со просечен дневен трошок од околу 280 долари. Иако инфлацијата изнесува релативно ниски 2,4%, цените на услугите остануваат високи. На третото место се најде Мексико, делумно поради зајакнувањето на мексиканскиот пезос, чија вредност порасна за 6,4% во однос на американскиот долар. Иако Мексико има релативно ниски основни цени, оваа промена во валутата го прави поскап за странските посетители.


Меѓу најпопуларните европски дестинации за американските туристи, Обединетото Кралство, Германија и Италија остануваат во врвот – заземајќи го осмото, деветтото и десеттото место. Иако дневните трошоци се високи, поповолните девизни курсеви во однос на доларот моментално ги олеснуваат трошоците.


На другиот крај на листата, Тајланд е прогласен за најпристапна дестинација, со просечна дневна потрошувачка од 81,87 долари. По него следи Индонезија, каде просечниот турист дневно троши само 70,23 долари, со инфлација од само 1,95%.

„The Forex Complex“ ги рангираше земјите според три клучни фактори: просечните дневни трошоци за туристите во долари, локалната стапка на инфлација и годишната промена на силата на локалната валута во однос на американскиот долар. Во предвид се земени вообичаените трошоци како сместување, храна и превоз.