Тешкиот пораз на Италија предизвика бурни реакции во фудбалската јавност на Апенините. Италија доживеа невидена бламажа во квалификациите за Светското првенство 2026 година.
Фудбалерите на Норвешка ја совладаа селекцијата на Италија со 3:0 во Осло, во натпревар од третото коло на групата И од квалификациите.
Норвежаните до третата победа стигнаа со головите на Александер Серлот во 14-та, Антонио Нуса во 34-та и Ерлинг Холанд во 42-та минута.
За Италија, која ги пропушти последните две Светски првенства, ова беше прв натпревар во квалификацискиот циклус, поради обврските во Лигата на нации.
Скандинавската селекција води на табелата со максимални девет бодови, додека Италија е на четвртото место без ниту еден освоен бод.
По дебаклот, сосема очекувано, италијанските медиуми реагираа жестоко.
Угледната "Gazzetta dello Sport" побара итна смена на селекторот Лучано Спалети.
„Вонредна состојба: Потребна е итна и радикална промена на клупата“, стои на насловната страница на весникот.
„Репрезентацијата во Осло беше срамна и легитимно е да се посомневаме во сè, да го очекуваме најлошото од најлошото. Ова сме ние – сиромашни, празни. Соочени со катастрофа од вакви размери, најлогичен потег е радикална промена“, се вели во текстот.
Селекторот Спалети беше видно разочаран по катастрофалното издание на својот тим.
„Како да се објасни овој натпревар? Ова е групата играчи што ја избрав и со нив ќе продолжам. Има простор за напредок. Продолжуваме со оваа група и со овој проект“, изјави Спалети, и додаде:
„Сметам дека оваа група играчи е важна – најдобрата што моментално ми е на располагање.“
Тој се осврна и на својата иднина како селектор на Италија:
„Кога ќе одлучиш да бидеш селектор, ја преземаш одговорноста – јас сум одговорен, и она што го прикажуваме на терен е моја одговорност. Од сега натаму и јас морам нешто да сменам, затоа што јас ги бранам играчите, зборувам … но потребен е и вистински став. Ако тимот покажува малку квалитет – тогаш и јас сум тренер со малку квалитет.“