Германските истражувачи на мир и конфликти ги повикуваат Европа и Германија да се подготват за иднина без НАТО.
Тие исто така препорачуваат германската влада да ги прекине испораките на оружје за Израел и да не го поканува Нетанјаху во посета, пишува Дојче Веле.
Нивниот поглед на иднината е мрачен. „Кој или што друго може да го спаси мирот?“, прашуваат водечките германски истражувачи за мир и конфликти во нивниот Извештај за мирот 2025. Војните во Украина, во Појасот Газа, во Судан, повеќе од 122 милиони бегалци, бројни насилни конфликти ширум светот.
Научници од четири германски истражувачки институти од 1987 година, анализираат меѓународни конфликти секоја година и формулираат препораки за политички одлуки во Германија, а ретко имало толку многу песимизам како оваа година.
„Во последните години, во фокусот на нашите анализи се најде рускиот напад врз Украина и намерното уништување на европскиот поредок на мир и безбедност од страна на Русија“, рече Кристофер Дејз од Институтот Лајбниц за истражување на мирот и конфликтите, презентирајќи го извештајот во Берлин.
Во меѓувреме, безбедносната ситуација се влоши уште повеќе. „Со САД како дополнителен фактор на несигурност“.
Остри критики кон Доналд Трамп
Овогодишниот Извештај за мирот става посебен акцент на политичките промени во Соединетите Американски Држави – анализата е исклучително остра. Американскиот претседател Доналд Трамп и „неговото движење MAGA“ успеаја „за многу краток временски период и без поголем отпор“ да ја претворат најстарата демократија во светот во авторитарен режим, пишуваат истражувачите.
И на меѓународно ниво, велат, тие активно работат на „уништување на либералните институции и достигнувања“. „Авторитарните владетели и диктатори се пречекуваат со почести, додека во либералните демократии се поддржуваат десничарските популистички движења“.
Дејз предупредува на опасноста од „авторитарна зараза“. И во Европа, вели тој, веќе се видливи загрижувачки тенденции – како што се поткопувањето на меѓународната правда, доведувањето во прашање на слободата на науката и посегнувањето по автономијата на општествените актери, како што се црквите.
Дали НАТО е мртов?
Трансатлантското партнерство со САД, „какво што го знаеме, е готово“, се наведува во Извештајот за мирот. Според истражувачите, ова важи и за воената соработка.
„Веродостојноста на ветувањето за меѓусебна помош во рамките на НАТО е доведена во прашање, а зближувањето меѓу САД и Русија може да биде на штета не само на Украина, туку и на европските интереси“.
Ова е директна закана за Германија и Европа. „Имаме проблем што во моментов ништо не функционира без НАТО, па затоа никој сериозно не сака да зборува за неговиот крај – иако неговата вредносна основа во суштина веќе исчезнала“, рече Дејз.
На прашањето дали НАТО е мртов, тој не негира: „Работиме на надминување на НАТО“, објасни тој, притоа мислејќи на стратегијата да се соработува со НАТО што е можно подолго, а истовремно да се зајакнуваат на европските безбедносни капацитети.
Европејците мора да ги збијат редовите
Во Извештајот за мирот, на германската влада ѝ се препорачува да следи „транспарентен, структуриран план за постепена изградба и интеграција на европските одбранбени структури“.
Меѓутоа, Европската Унија е сè уште далеку од тоа. „Она што моментално го гледаме во ЕУ не е зајакнување на европските одбранбени капацитети во рамките на заедничка политика, туку зајакнување на националните воени капацитети на поединечните членки“, истакна Урсула Шредер од Институтот за истражување на мирот и безбедносна политика на Универзитетот во Хамбург (IFSH).
Концептот на безбедност не смее да се сведе само на воениот аспект. Безбедносната архитектура вклучува и „контрола на оружјето, мерки за градење доверба и дипломатија“, нагласи Конрад Шетер од Меѓународниот центар за проучување на конфликти во Бон (BICC). Важна улога има и ефикасната развојна политика. Зголемената милитаризација, притоа, не треба да служи како „дозвола за неограничен извоз на оружје во целиот свет“.
Да се запрат испораките на оружје за Израел
Авторите на извештајот за мир се особено вознемирени од глобалната ерозија на меѓународното право. Тие ја забележуваат растечката „дехуманизација на војувањето“, во која заштитата на цивилите драстично е нарушена, болниците и училиштата стануваат директни цели на воени напади, а хуманитарната помош е спречена или злоупотребена за политички цели. Ова најдрастично се одразува во војната во Украина и појасот Газа.
Тие се особено ужаснати од она што се случува во Газа – војната досега одзеде повеќе од 53.000 животи и речиси целосно ја уништи таа територија. Мировните истражувачи бараат „поитно од кога било“ суспендирање на сите испораки на оружје што би можеле да се искористат во Појасот Газа и на Западниот Брег. Според извештајот, Израел „грубо“ го прекршил меѓународното хуманитарно право и ги пречекорил границите на „легитимна самоодбрана“.
Од октомври 2023 до мај 2025 година, од Германија бил одобрен извоз на оружје во вредност од речиси половина милијарда евра, рече германската влада во својот одговор на пратеничкото прашање на Левицата. Овие испораки вклучувале, меѓу другото, огнено оружје, муниција, делови за оружје, специјална опрема за копнените трупи и морнарицата, електронска опрема, како и специјални оклопни возила.
Не го поканувајте Нетанјаху во Германија
Во извештајот се бара од германската влада да го почитува меѓународното право и меѓународните судови. Со ова се алудира на изјавата дадена од лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, пред да стане канцелар.
Имено по изборната победа, Мерц објави дека сака да го покани израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја посети Германија – иако против него е издадена потерница од Меѓународниот кривичен суд. Мерц му вети на Нетанјаху „можност“ да „ја посети Германија, и потоа да ја напушти, без да биде уапсен“.
Во извештајот за мирот се констатира: „Меѓународното право има предност пред државните интереси“. Ова, се додава, „ја исклучува државната посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Германија“.
Покрај тоа, истражувачите бараат Германија „среднорочно“ да се ангажира за признавањето на палестинска држава. Трајното решение на „палестинскиот конфликт“ во никој случај не го загрозува „правото на Израел на еврејска држава во безбедни граници“.