Муцунски - Баро: Франција ќе продолжи да биде гласен поддржувач на проширувањето на Европската Унија

Макфакс

05/06/2025

15:09

137

Големина на фонт

а а а

Во рамки на работната посета на Париз, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со министерот за Европа и надворешни работи на Француската Република, Жан-Ноел Баро.

На средбата беше изразено заедничко задоволство од континуираниот развој на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Француската Република, со јасна определба за понатамошно продлабочување на соработката на политичко и економско ниво. Особен акцент беше ставен на унапредување на партнерствата помеѓу владите и бизнис-заедниците на двете земји.

Муцунски упати благодарност за брзата и принципиелна поддршка од Франција по трагедијата во Кочани, како и за доследната и силна поддршка од француската Влада за европската интеграција на Северна Македонија. Министерот Баро го реафирмираше ставот дека Франција ќе продолжи да биде гласен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и активно ќе придонесува кон остварување на стратешката цел – полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ.

Во рамки на посетата, министерот Муцунски оствари и работна средба со Бенџамин Хадад, министер делегиран за Европа. Разговорите беа фокусирани на напредокот на земјата на патот кон ЕУ, актуелната политичка состојба во регионот, како и на значењето на придонесот на Северна Македонија кон регионалната стабилност и соработка.