12 повредени од пожарот во Кочани се на лекување во болница, еден е во тешка состојба, кажа Клековски

Макфакс

05/06/2025

14:23

179

Големина на фонт

а а а

Сашо Клековски од ФЗО на денешната Панел дискусија - Кочани е нашиот приоритет се осврна на ситуацијата во моментот во однос на рехабилитацијата на лицата кои што сè уште се лекуваат и со што би се соочило здравството во следниот период.

„Во моментот имаме 12 повредени на лекување во болница, од тоа 7 се во странство и 5 се во земјата. Од овие 12 повредени кои сè уште се лекуваат во болници, 1 сè уште е во, условно да кажам, тешка состојба. За едниот знам дека е на рехабилитација во Словенија. Од другите кои се третираат, имаме 16 на ПРП ПРЕКС третмани, тоа се плазма третмани, едниот е со збогатување со тромбоцити, другиот е без збогатување со тромбоцити. 6 на Клиниката за пластична хирургија и 10 во „Св. Наум Охридски“. На преврски и слични третмани имаме 38 повредени. На физикална терапија се 46 лица“, изјави Клековски од ФЗО.

Тој се осврна на третманите кои се применуваат врз повредените.

„Да повторам, нашата одлука за враќање на повредените беше дека имаме 3 болници со капацитет за третмани на овие повредени. Тоа се Клиниката за пластична хирургија, „8 Септември“ и „Св. Наум Охридски“ и вкупните бројки се дека таму во моментот се третираат скоро повеќе пациенти, отколку на било кое друго место. Секако, би го нагласил тука третманот со ПРП, со плазма збогатена со тромбоцити или без тромбоцити кои се практицира кај 16 повредени и одговорно тврдам дека тоа е супериорен третман за намалување на лузните по изгорениците.“

Клековски ги повика сите повредени кои имаат било каква дилема, било какво стравување да се обратат или во „Св. Наум Охридски“ или во Клиниката за пластична хирургија.

„Тоа е најдобриот третман што можат да го добијат за повредите, во моментот. Најдобар доказ е пациентот Л, чија фотографија беше дистрибуирана пред еден месец на некои од социјалните медиуми, со изгореници на главата и во тој момент тие изгореници изгледаа како што треба изгореници да изгледаат. Не беа инфектирани, немаше гној, значи беа чисти рани, после еден месец имаме значително подобрување на состојбата на овој пациент кој се третира на Клиниката за пластична хирургија. Значи уште еднаш повик до сите да ја прифатат оваа можност“, рече Клековски.

„Во однос на физикалната терапија, мислам дека само еден пациент се третира бидејќи оди на преврски во „Св. Наум Охридски“. Се третира таму, сите други се во Кочани.

Во Кочани имаме 2 физијатри и 4 физикални терапевти за тие 46 пациенти. Во меѓувреме е формиран пул од 15 физијатри и 6 физикални терапевти од Клиниката во Козле за физикална терапија и од „8 Септември“ и тие ќе бидат на располагање, на испомош на Општата болница во Кочани. Дел од овие физијатри ќе бидат вклучени во проценка на состојбата и како е текот на рехабилитацијата на овие пациенти.“

Клековски додаде дека е формирана работната група за мониторинг на напредокот на пациентите.

„Досега се оценети околу 160 повредени, а недостасуваат уште околу 15 повредени кои во моментот на достапноста на работната група не биле достапни во Кочани, но се во комуникација и ќе бидат вклучени“.

Тој нагласи дека ова е процес кој нема да има крај, не е процес што ќе заврши и затоа овие 7 лекари од различни клиники од работната група кои учествувале во приемот на повредените и знаат во која состојба биле примени повредените.

„Тие ќе прават во бранови оценки на напредокот, за да се види дали, како конзилијарен тим, дали напредокот кај повредените е добар и на добар пат. Откако ќе заврши овој круг, за еден-два месеци ќе има нов круг на постојана контрола на напредокот, од сите страни, и од страна на пластична хирургија и од страна на физикална терапија и од страна на пулмологија итн.“