Има вистина во изјавите дека Арсовска се користи како инструмент од ДУИ за дестабилизација пред изборите, вели Мицкоски

Макфакс

01/06/2025

15:44

452

Големина на фонт

а а а

Жалам ако градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, добива закани по живот и ја охрабрувам веднаш да појде во МВР, а МВР да испита кој е заканувачот и веднаш да постапи по истите, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги нејзините изјави дека добива закани бидејќи објавува за дивоградбите во Чаир.

Мицкоски смета дека Обвинителството треба да се остави да постапува по доказите за дивоградба кои Арсовска ги поднесе вчера.

„Доколку доказите се доставени до Јавното обвинителство, предлагам да го оставиме Јавното обвинителство да сработи и, се разбира, доколку има такви докази да се постапува по истото. Тука нема дилема, ние не можеме да санкционираме или не санкционираме други, законот мора да важи за сите. Но, да го оставиме ЈО да сработи и да видиме што е тоа што е доставено“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Институтот за јавно здравје.



Прашан како ги коментира изјавите на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, и вицепремиерот Изет Меџити – дека градоначалничката Арсовска „се користи како инструмент од ДУИ за дестабилизација пред локалните избори“, премиерот одговори дека „има вистина во тоа“.
„Па има вистина тука, и тоа, впрочем, им е јасно на сите. Но, јас не би имал повеќе да додадам од тоа што го кажаа г. Меџити и г. Ганиу. Има вистина и многу скоро јавноста ќе дознае и некои други детали“, рече Мицкоски.