Изминатите пет години ниту едно дете без родителска грижа под 18 години не е сместено во резиденцијална институција

Макфакс

01/06/2025

13:44

2.406

Големина на фонт

а а а

Според последните податоци во државава има 380 згрижувачки семејства и 627 згрижени корисници. Изминатите пет години ниту едно дете без родителска грижа под 18 години не е сместено во резиденцијална институција. Над 80 проценти од овие деца се во згрижувачки семејства, а останатите во мали групни домови, велат од Министерството за социјална политика, демографија и млади во честитката по повод Меѓународниот ден на детето и згрижувачките семејства.

Министерството, како што велат, работи и на проширување на капацитетите за предучилишното образование, со цел повеќе деца да имаат можност да посетуваат градинка и на тој начин да обезбедат подобри шанси за успех во следните нивоа на образование.



„Земајќи го предвид значењето на раната интервенција кај децата со развојни потешкотии се потпиша трипартитен меморандум за соработка помеѓу Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за здравство, и Министерството за образование и наука, со заедничката заложба и интерес за воспоставување на семејно-ориентиран систем на рана интервенција во детството во Република Северна Македонија. Процесот овозможува: идентификување и поддршка на децата со развојни задоцнувања, обезбедување на мултидисциплинарни услуги, вклучувајќи логопеди, психолози и специјални едукатори, јакнење на капацитетите на стручниот кадар и подобрување на координацијата меѓу институциите. Министерството во континуитет вложува напори и во развој на социјални услуги на локално ниво преку две важни процеси како што е процесот на лиценцирање така и процесот на финансирање особено во социјалните услуги кои се ориентирани кон индивидуалната потреба на децата и нивните семејства. Социјалната услуга како лична асистенција може да се користи од 6 година на возраст на детето. Особено се дава посебен фокус на развојот на социјалната услуга дневен престој со индивидуален третман каде децата ја добиваат услугата зависно од нивната функционалност“, пишуваат од Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Оттаму нагласуваат дека посветеноста на Владата во областа на детската заштита се потврдува и со изработката на Националниот акциски план за правата на децата 2025-2029, кој е во завршна фаза на усвојување.

„Преку овој план, поставуваме основа за заштита на нивните права, создавање еднакви можности и промовирање на нивниот развој во средини што ги поттикнуваат нивните потенцијали. Работиме на воведување на Европската детска гаранција за еднаков пристап до основни услуги за најранливите деца – здравство, образование, домување, згрижување со цел намалување на детската сиромаштија, како и зголемување од 15% на паричните додатоци наменети за децата“, стои во соопштението.