[ФОТО/ВИДЕО] Британската јутјуберска сензација „Sidemen“ во Скопје: Необични аутфити, толпа од растрчани фанови и тавче гравче

Точка

28/05/2025

21:10

3.796

Големина на фонт

а а а

„Sidemen“ се група од седум познати британски јутјубери, меѓу кои се KSI, Вик, Итан, Сајмон и други, кои стекнаа светска популарност преку забавни видеа, предизвици и патувања. Со милиони следбеници на YouTube, тие се меѓу највлијателните онлајн креатори во светот.

Во своето најново видео, членовите на групата се поделени во тимови и испратени во три европски града – Трансилванија, Ротердам и Скопје – каде имаат задача да ги извршат најчудните можни предизвици: да пронајдат необична облека, да посетат чудна атракција, да пробаат локална необична храна и да стапат во контакт со што е можно повеќе „чудни“ ситуации.

Мисија во непознатиот град

Во македонската престолнина пристигнаа Вик и Итан. Уште на самиот почеток, со вообичаениот британски хумор, се обидоа да го изговорат името на градот: „Што е ова, Скоп Г?“.


Првата задача беше да најдат што е можно почудна облека. Бидејќи во утринските часови продавниците беа затворени, се снаоѓаа со помош од локалци. Еден случаен минувач ги упати во антикварница со винтиџ парчиња и ексцентрични аксесоари. Таму купија необични шалчиња, шешири, карирани палта и — крзно од лисица.

Разгледувајќи и шегувајќи се со идејата да се замотаат со тоалетна хартија, на крај сепак се одлучија за класичен винтиџ стајлинг кој предизвика внимание во центарот на Скопје. Минувачите ги фотографираа и снимаа, а тие задоволно коментираа: „Цела толпа се собра да нè гледа. Ова е фантастично.“



Изненадување во книжарница

Во еден момент, влегоа и во книжарницата „Култура“ на скопскиот плоштад, каде бараа нешто „чудно и локално“. Таму се задржаа кратко, прелистувајќи книги и разгледувајќи тетратки со локални мотиви. Сцената, полна со типичен британски сарказам, беше уште еден обид да најдат интересни и неочекувани елементи во новиот град.

Потрага по „најчудната атракција“

Во потрагата по необична скопска атракција, одлучија да се сликаат со скулптура која ја нарекоа „Дрвениот човек“. Впечатокот, сепак, не беше на очекуваното ниво:
„Во живо изгледа како жена што држи гранка.“
И покрај тоа, предизвикот го завршија, надевајќи се на солидна оцена од жирито.

Бегство од центарот поради фанови

Набрзо, нивното присуство во Скопје беше препознаено од голем број млади, кои почнаа да ги следат, фотографираат и опкружуваат. Толпата станала толку голема што снимањето било оневозможено, а тимот морал да се повлече во хотел на периферијата.


„Мислевме дека во Македонија ќе биде порелаксирано. Не очекувавме да мора да бегаме“, велат во видеото.

Локални вкусови и несекојдневен гест

Следната задача беше да пробаат необична локална храна. Првично бараа пржен мозок (crea pan), но бидејќи не го најдоа, нарачаа тавче гравче, македонска салата и помфрит (нормално и пиво).

Најконтроверзниот момент од видеото се случи кога Итан во детски парк забележа мртов стаорец. Реши да го земе и да позира со него за фотографија. Настанот беше претставен како „акција на чистење“, односно „услуга за заедницата“.

За крај - хедонизам


Последните сцени се снимени покрај хотелски базен, каде тимот ужива во сонцето, пробува локална храна и размислува за доживувањата.

„Ова е тоа што вреди – базен, сонце и македонска храна“, заклучуваат на крајот од својата мисија.