Заборавете на трендовите како „mindfulness“ – доброто старо чистење на домот може да биде најдобриот начин за подобрување на менталното здравје.
Во последниве години, многумина од нас прифатија секакви разни „велнес“ трендови во обид да живееме поздрав и посреќен живот. Но, новото истражување сугерира дека една од главните тајни на среќата всушност е доста едноставна – одржување на домот чист и организиран.
Истражувањето покажало дека 71% од луѓето сметаат дека чистиот дом им го подобрува расположението, додека 65% велат дека чистите подови имаат позитивно влијание врз намалувањето на нивото на стрес. Покрај тоа, 64% од испитаниците чувствуваат поголем внатрешен мир, а двајца од пет рекле дека чистотата им овозможува подобар сон.
„Ова истражување го потврдува она за што секојдневно разговарам со луѓето – колку чистиот дом ги прави подобри. Луѓето не само што ги гледаат непосредните придобивки од редовното чистење, туку и ги чувствуваат подлабоките, емоционални придобивки што доаѓаат со уреден простор“, изјави експертката за чистење и организација Никола Луис.
Одржувањето на домот чист може да помогне дури и кога работиме од дома, бидејќи 83% од 1.000 испитаници рекле дека се чувствуваат попродуктивно и пофокусирано по чистењето.
Всушност, 88% од нив се согласиле дека чистиот и организиран простор промовира ментална јасност, го намалува стресот и го поттикнува чувството на смиреност и контрола.
Инаку истражувањето го нарачала компанијата за дизајн на производи и технологија „SharkNinja“, која предлага да го вклучиме чистењето во терапевтските методи за самопомош.
„Нашето истражување јасно покажува дека придобивките од чистиот дом одат подалеку од неговата естетска вредност. Станува збор за создавање средина што ја поддржува емоционалната благосостојба, продуктивноста и позитивните односи“, додаде Џејмс Кито, директор на „SharkNinja“ за Велика Британија и Ирска.