Аморим му испратил брутална порака на Гарначо пред сите во соблекувалната: Подобро е да се молиш!

Дерби

28/05/2025

11:12

201

Големина на фонт

а а а

Катастрофалната сезона која ја остави зад себе Манчестер Јунајтед ќе донесе огромни промени на „Олд Трафорд“, а експлозивното интервју кое го слушнавме од Алехандро Гарначо по финалето во Лига Европа беше добра најава за ново звучно заминување на важен играч во првиот тим.

Аргентинецот го искажа цело свое незадоволство од одлуката на Рубен Аморим и се пожали што бил оставен на клупата за резерви во финалето со Тотенхем, па во ситуација кога се стави себеси во прв план пред тимот, очекувана беше реакцијата од другата страна за последниот натпревар во Премиер лигата.

Гарначо беше изоставен од тимот на Манчестер Јунајтед и не доби шанса да се прости од навивачите на натпреварот кој требаше да биде последен за него во црвениот дрес, но пред Аморим да повлече таков потег, во соблекувалната имало навистина тензичен момент, при кој Португалецот му испорачал и брутална порака на младиот крилен фудбалер.

Како што пренесува „Дејли мејл“, менаџерот на Јунајтед останал фрапиран и шокиран од интервјуто на Гарначо по болниот пораз во Билбао, по што пред сите во соблекувалната му соопштил дека неговото време во клубот е завршено.

– Подобро е да се молиш. Моли се да пронајдеш нов клуб кој ќе сака да те купи, – му порачал Аморим на Гарначо, јасно ставајќи до знаење дека нема да мине воопшто добро ако планира да остане на театарот на соништата и следната сезона.