Мечот на Наполеон беше централен предмет на аукцијата „Гикело“, одржана на 22 мај во Париз и достигна неверојатна цена од 4,6 милиони евра (5,2 милиони долари), далеку надминувајќи ја проценетата вредност од 700.000 до 1 милион евра.
Легендарниот државник и воен водач го нарачал мечот во време кога бил во подемот на моќта. Кратко по потпишувањето на Амиенскиот мир, тој бил прогласен за доживотен конзул, што дополнително ја зајакнало неговата позиција и го подготвило теренот за крунисувањето што следело.
Истата година, тој наредил изработка на меч што ќе го придружува до неговото прогонство на оддалечениот остров Света Елена во 1815 година. Мечот бил направен под надзор на Никола-Ноел Буте, главниот оружар на државната работилница во Версај, и зрачи со симболика што ја одразува идејата на Наполеон за себе и неговото растечко значење во европската историја.
Мотивите од античкиот свет доминираат во дизајнот – и тоа не само во форма на лири и палмети. Медуза зјапа низ каменото лице на рачката на мечот, додека на крајот од рачката од седеф е Немејскиот лав, кој Херкулес го победил во својот прв подвиг. На задната страна од мечот е прикажан и самиот Херкулес, мускулест, со палка префрлена преку рамото. Под него, неговата непробојна лавовска кожа служи како основа за глобус – таков за кој Наполеон верувал дека еден ден ќе биде негов. За секој случај, тука е богот на војната Марс, во полна воена опрема, осветлен од зраците на сонцето од небото.
Наполеон мечот му го подарил на генералот Емануел де Груши во 1815 година, во пресрет на Битката кај Ватерло, и оттогаш се наоѓал во неговото семејство. Груши служел и во револуционерните и во Наполеоновите војни и бил последниот маршал на империјата, титула воведена од Наполеон за да се наградуваат заслугите на генералите на бојното поле.
Сечилото е закривено и направено од дамаскин челик, рачката е целосно изработена од позлатено сребро, а дрвената обвивка е покриена со сива кожа од ража испреплетена со сребрени нишки, пишува ArtNet.
Предметите поврзани со Наполеон продолжуваат да достигнуваат неверојатни цени на францускиот пазар. Во 2023 година, неговата карактеристична двоглава шапка (бикорн) беше продадена за рекордни 1,9 милиони евра, надминувајќи ги 1,4 милиони долари што беа платени за сличен примерок на аукција во „Sotheby’s“ две години претходно. Во 2007 година, меч обложен со злато што го носел Наполеон во Битката кај Маренго беше продаден за 6,5 милиони долари – што сè уште претставува рекордна цена за оружје продадено на аукција.