По речиси еден месец пловење низ Тихиот Океан, Оливер Видгер и неговата мачка Феникс успешно се закотвија на бреговите на Хаваи.
Нивната необична и инспиративна приказна брзо се прошири по социјалните мрежи, освојувајќи ги симпатиите на илјадници луѓе ширум светот, пишува „Тудеј“.
Видгер, кој доскоро имаше стабилна канцелариска работа, во април ја напушти удобната рутина и тргна во неизвесност, од марината во Варентон, Орегон, со цел да го премине океанот и да стигне до Хаваите. На 24 мај го оствари својот сон, а своето пристигнување го овековечи со фотографии и видеа на Инстаграм, каде редовно ја споделуваше секојдневната реалност на бродот заедно со Феникс.
Под една од фотографиите, на која гордо стои на палубата, напиша: „Драга корпоративна Америка, јас победив“.
Веќе во април 2024 година тој најави дека се откажува од работа по 11 години, решен да започне сосема ново поглавје во животот. Подоцна призна дека тоа била најлудата, но воедно и најубавата одлука што ја донел.
„Го напуштив канцеларискиот живот без никаков план, без искуство, без поим за едрење. Ги повлеков сите заштедени пари, ја купив едрилицата и по еден месец, без да знам што правам, испловив. Учев во движење, од грешка во грешка, километар по километар“, напиша тој.
Бродот го нарекол Феникс, по мачката која му стана постојан придружник, инспирација и симбол на новиот почеток. Првпат исплови во јуни 2024, а во јануари годинава го направи патувањето од Портланд до Варентон, како подготовка за големата авантура преку океанот.
Во разговор за „Асошиејтед прес“, Видгер објасни зошто неговата приказна допре до толку многу луѓе.
„Светот станува сè потежок за живеење, а јас не сум единствениот кој се чувствувал изгубено и исцрпено од секојдневието.И со добра плата, често се чувствував како едвај да преживувам. Луѓето се преморени и сакаат да избегаат од тој круг“, рече тој.
Покрај желбата за слобода, на ова патување го натерале и здравствени причини. Пред неколку години му бил дијагностициран редок синдром, Клипел-Фејл, кој предизвикува спојување на вратните пршлени, ограничена подвижност и ризик од парализа.
„Дијагнозата ми беше како шамар што ме разбуди. Ме натера да размислам за смртноста и вистински да си го преиспитам животот“, раскажа во интервју за „Тудеј“.
Сега, кога конечно пристигна на Хаваите, има само една желба – да одмори.
„Работев премногу долго. Сега сакам само да нуркам и да гледам риби цели 30 дена“, рече со насмевка.