Кинескиот автомобилски гигант "BYD" за првпат продаде повеќе возила во Европа отколку "Tesla", објави "Reuters", повикувајќи се на извештај на компанијата "JATO Dynamics". Причините се гледаат во застарената понуда на модели кај "Tesla", како и политичката ангажираност на Илон Маск, што негативно влијаело врз побарувачката.
"BYD", кој покрај електрични возила произведува и "plug-in" хибриди, во април регистрирал 7.321 електрично возило во Европа, додека "Tesla" регистрирала 7.165.
„Ова е пресвртница за европскиот автомобилски пазар, особено ако се има предвид дека "Tesla" со години го водеше европскиот пазар на батериски електрични возила (BEV), додека "BYD" официјално започна со активности надвор од Норвешка и Холандија дури кон крајот на 2022 година“, изјави глобалниот аналитичар на "JATO Dynamics", Фелипе Муњоз.
Побарувачката за електрични возила во Европа останува стабилна. Според "Reuters", регистрациите на електрични возила во април пораснале за 28% во споредба со истиот месец минатата година, главно благодарение на кинеските автомобилски марки.
И покрај воведените царини од страна на Европската Унија за електрични возила од кинеско производство, регистрациите на такви возила пораснале за 59% на годишно ниво, додека производителите од Европа, Јапонија, Јужна Кореја и САД забележале раст од 26%.
Аналитичарите предвидуваат уште еден годишен пад на "Tesla" по ланскиот, особено по падот од 13% во првиот квартал од оваа година. Сепак, Маск оваа недела изјави дека Tesla веќе бележи пресврт во продажбата и дека побарувачката е силна – освен во Европа.