Истражување открива: Батериите на електричните автомобили траат подолго од просечен бензинец!

Точка

30/06/2025

13:18

693

Големина на фонт

а а а

Батериите на EV возилата без проблем го надминуваат животниот век на просечно бензинско возило.

Високонапонската батерија во електричните возила често е главна мета на оние кои никогаш не возеле "EV", но сакаат да ја негираат оваа технологија.

„Нема да трае повеќе од неколку години“ – е реченица што безброј пати сме ја слушнале од љубителите на бензинците кога се зборува за електрични возила.

И покрај огромната количина податоци што докажуваат спротивното, сè уште постојат луѓе кои мислат дека современите "EV" возила ќе се расипат веднаш штом ги погледнеш „накриво“, пишува "InsideEVs.com".

Сега имаме уште повеќе податоци за долговечноста на батериите, и вестите се одлични – и за сегашните сопственици на "EV", и за оние што планираат да го купат своето прво електрично возило.

Според британската компанија "Geotab", која се занимава со телематика на возила, повеќето батерии во електричните автомобили можат да траат и до 20 години со минимална годишна деградација.


Тоа се шест години повеќе од просечната старост на автомобил во САД.

Во текот на овој голем временски период, EV батериите губат околу 1,8% од својот капацитет годишно. Тоа значи дека секоја година губите 1,8% од дометот – што не е идеално, но далеку од причина за паника.

По 20 години, доколку не се случи катастрофален дефект, сè уште можете да користите околу 64% од оригиналниот домет на EV. Овие податоци се добиени од анализа на над 10.000 електрични автомобили.

Иако високонапонските батерии понекогаш откажуваат, стапката на такви дефекти е статистички занемарлива. Една студија покажала дека EV возила произведени во последната деценија имаат стапка на дефект на батеријата помала од 0,5%.


Деградацијата на батеријата не е линеарна. Најголемиот пад на капацитетот се случува во првите години, потоа се забавува, па повторно се забрзува во завршната фаза.

Топлата клима ја забрзува деградацијата, па затоа се препорачува "EV" да се чува во сенка секогаш кога е можно – особено за време на полнење.

Модерните "EV" автомобили имаат ефикасни системи за ладење и греење на батеријата, но поладна околина сепак е поповолна.

"DC" брзото полнење исто така може малку да ја забрза деградацијата.


Одржувањето на нивото на наполнетост меѓу 20% и 80% кај батерии од типот "NMC" (никел-манган-кобалт) и "NCM" (никел-кобалт-манган) придонесува за подолг век на траење.

Кај "LFP" (литиум-железо-фосфат) батериите овие ограничувања генерално не важат, иако едно истражување покажало дека постојаното полнење до 100% може да го намали нивниот животен век.

Дури и ако ги следите сите овие едноставни препораки, не може да се избегне фактот дека батериите со тек на време се деградираат – без разлика дали ги користите или не.

Исто како што цревата и пумпите кај бензинците пропаѓаат ако автомобилот долго стои, така и батериите со тек на време губат дел од својот капацитет.