Гоце Седлоски како шеф на стручниот штаб на Вардар го прослави освојувањето на Купот на Македонија во фудбал, откако по кошмарниот старт на сезоната успеа да направи пресврт и од скопскиот тим да направи екипа што ќе игра во европските клупски натпреварувања.
На прес конференцијата тој укажа дека немал лесна работа и дека целата приказна започнала со одличните подготовки во Анталија пред пролетниот дел од сезоната, како и со ангажманот на оние фудбалери кои ги побарал од клубот. Сепак, тој веднаш подвлече дека сега е време за пауза и дека не ја знае својата иднина, по што прес конференцијата беше прекината со упад на вардаровите фудбалери кои ја донесоа прославата од соблекувалната пред новинарските камери и буквално „го тушираа“ Седлоски.
– Овие момци се мангупи, прекрасни се, сѐ им е простено,- рече Седлоски кој професионално остана да одговори на сите новинарски прашања иако беше мокар до коска.
На прашањето на „Дерби“ дали чувствува предизвик да продолжи со Вардар во европските натпреварувања, Седлоски повтори дека е време за пауза.
– Оставам зад себе една полусезона во која секој меч ни беше финале. Беше напорно и не сакам да се присетувам, беше многу стресно. Време е да се излади главата, па потоа да се донесат нови одлуки,- порача Седлоски, оставајќи простор за новинарски шпекулации и „читање меѓу редови“.
Како причина за победата Седлоски го посочи подоброто справување со одговорноста на своите фудбалери во овој важен меч, посочувајќи го јунакот Талевски кој ги постигна двата гола како талент на кој му порача со такви игри да продолжи и во репрезентативниот дрес.