Братот на Алехандро Гарначо се огласи преку социјалните мрежи и порача дека ѕвездата на Манчестер Јунајтед била „фрлена под автобус“ со доделените 20 минути во финалето на Лига Европа, одлука која многумина не ја сфатија уште пред самиот старт на финалето во Билбао.
Рио Фердинанд посочи дека Аморим неоправдано го остава Аргентинецот на клупата за резерви, а покрај критиките од легендата и неговиот брат, со доста експлозивна изјава се јави и самиот Алехандро, кој не исклучи и заминување од Јунајтед.
Крилниот напаѓач тешко се помири со одлуката на менаџерот да му даде предност на Мејсон Маунт, па во првото обраќање по финалето во Билбао не отфрли и крај на авантурата во Манчестер.
– Многу работи ни недостасуваа во ова финале. Кога не постигнувате голови, секогаш ви е потребно нешто повеќе и нешто поинвентивно во завршницата.
– Го играв секој натпревар и секоја рунда до финалето, му помагав на тимот на секој начин, но денеска добив само 20 минути…. Навистина не знам што да кажам…..
– Мојата иднина? Овој меч ќе има влијание врз одлуката, но сезоната сама по себе говори многу. Ќе се обидам да уживам во летото и да видиме што носи иднината, – изјави Гарначо, кој со оваа изјава не исклучи трансфер од „Олд Трафорд“.





