[ФОТО] Полувековна мистерија: Леонардо да Винчи има најмалку шест живи потомци

Точка

21/05/2025

20:41

704

Големина на фонт

а а а

Славниот ренесансен уметник Леонардо да Винчи има најмалку шест живи потомци, покажува ново истражување објавено во книгата „Genia Da Vinci“.

Истражувањето, кое го документира семејното стебло од 1331 година, опфаќа 21 генерација и повеќе од 400 поединци.

Анализата открила дека делови од „Y“ хромозомот – што се користат за индивидуална идентификација – се совпаѓаат меѓу себе, со што се потврдува генетската континуираност на машката линија на семејството Да Винчи, почнувајќи од 15. генерација.

Преку анализа на историски извори и архивски документи, авторите идентификувале 15 потомци по директна машка линија – денешни роднини на таткото и полубратот на Леонардо, пренесува „Ansa“.

Ова им овозможило на Давиде Карамели, претседател на музејскиот систем на Универзитетот во Фиренца и координатор на проектот за антрополошките и молекуларни аспекти, и на Елена Пили, форензичка антропологинка, да подложат шестмина од нив на ДНК тестирање кое ја потврдило генетската врска преку машката линија на семејството Да Винчи.

Дополнително, е потврдено постоењето на можна семејна гробница во црквата „Санта Кроче ин Винчи“, во близина на Фиренца – родното место на уметникот – која моментално е предмет на археолошки ископувања во соработка со Универзитетот во Фиренца.

Се претпоставува дека таму можеби се погребани и дедото на Леонардо, Антонио, неговиот чичко Франческо, како и неговите полубраќа Антонио, Пандолфо и Џовани.

Следниот чекор е споредба на ДНК од овие посмртни остатоци со ДНК на луѓето за кои се претпоставува дека се живи потомци на Леонардо.